Во Скопје денеска ќе биде промовирана „ЕкоСкопје“, паметна еко-платформа преку која граѓаните ќе можат едноставно да пријавуваат еколошки проблеми во градот. Платформата е развиена од млади во рамки на проектот „SkopYEAH!“, со цел да придонесе за почиста и пофункционална урбана средина.
Промоцијата ја организира Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ (ЛЕАД), во соработка со Град Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија.
На настанот се најавени обраќања на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претставникот на Европската комисија, Евоут Сендкер, и извршниот директор на ЛЕАД, Иван Јованов.
Со развојот на „ЕкоСкопје“, младите се вклучуваат во создавање дигитални решенија за еколошките предизвици во градот. Платформата треба да им овозможи на граѓаните полесно да укажуваат на проблемите во животната средина и да придонесат за нивно поефикасно решавање.
