Донесете предмет што не го користите и заменете го: „Еко трампа“ во сабота во Скопје

Четвртото издание на иницијативата на „Еко-свест“ ќе се одржи во Бистро Комедија, под слоганот „На ти го, дај ми го“

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ ја најавува четвртата „Еко трампа“, иницијатива преку која граѓаните можат да разменат предмети што повеќе не ги користат, наместо да ги фрлат.

Настанот ќе се одржи оваа сабота, 13 јуни, во Бистро Комедија во Скопје, од 11:00 до 14:00 часот, под слоганот „На ти го, дај ми го“.

Концептот е едноставен: секој посетител може да донесе до три добро зачувани предмети, како облека, книги, модни додатоци, детски играчки или мали функционални апарати. За возврат, учесниците можат да изберат нешто од предметите што ги донеле другите посетители.

Од „Еко-свест“ нагласуваат дека предметите треба да бидат чисти, уредни и во функционална состојба, за размената да биде корисна и квалитетна за сите учесници.

Целта на „Еко трампата“ е да ја поттикне повторната употреба на предмети, да го намали непотребното создавање отпад и да ја отвори темата за прекумерниот конзумеризам.

Како дополнителен поттик, организаторите во соработка со домаќините обезбедуваат бесплатно кафе за секој учесник што ќе се вклучи во трампата.

Со ова издание, „Еко-свест“ ја продолжува мисијата за градење заедница што избира поодржливи навики и преку мали секојдневни акции придонесува за намалување на еколошкиот отпечаток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс