Еко-активисти најавија марш на 23 јуни во Скопје, со кој ќе побараат построги гранични вредности за емисиите од цементарницата ТИТАН „Усје“ и усогласување со европските стандарди за заштита на воздухот.
Маршот ќе започне во 18 часот пред Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање. Организаторите велат дека граѓаните очекуваат одговорност и јасна одлука од институциите, наместо продолжување на практиката на толерирање застарени стандарди.
Повод за реакцијата е барањето на цементарницата за обнова на А-интегрираната еколошка дозвола. Според активистите, компанијата бара продолжување на дозволата без суштински промени во однос на дозволата од 2020 година и со гранични вредности за емисии кои важат уште од 2007 година.
Тие тврдат дека предложените вредности не се усогласени со Најдобрите достапни техники на Европската Унија, а особено укажуваат на барањето за гранична вредност на азотни оксиди од 800 mg/Nm³. Според нив, тоа е речиси двојно повеќе од европскиот максимум од 450 mg/Nm³.
Активистите предупредуваат и дека програмата за подобрување не содржи обврзувачки мерки за намалување на емисиите од стационарните извори, а предлозите на граѓанското општество за построги граници, усогласени со европските стандарди, не биле вклучени во документот.
Според нив, Министерството за животна средина имало можност да побара дополнувања и да постави построги услови, но во објавениот документ нема индикации дека тоа е направено.
„Министерството не смее да усвои неусогласена дозвола. Наместо тоа, мора да ги вгради предлозите на граѓанското општество и да обезбеди усогласување со најдобрите достапни техники, за да се заштити здравјето на граѓаните и квалитетот на воздухот во Скопје“, велат организаторите.
Тие ги повикуваат граѓаните, здравствените работници, научниците, професорите, експертите и организациите да се вклучат во јавната расправа и да достават писмени забелешки до Министерството најдоцна до 26 јуни.
Пораката на маршот, како што најавуваат активистите, е дека Скопје не смее да продолжи со застарени гранични вредности и дека за чист воздух се потребни современи стандарди и институционална одговорност.