ЕК го отвора патот за милијарди кон Унгарија, студентите повторно добиваат пристап до „Еразмус+“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека Брисел предлага одблокирање на средствата и повторно отворање на европските образовни и истражувачки програми за Унгарија

Европската комисија предложи да бидат ослободени 4,2 милијарди евра од кохезиските фондови наменети за Унгарија, откако оцени дека новата влада во Будимпешта презела чекори за зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Предлогот предвидува и укинување на ограничувањата за дел од унгарските универзитети, со што нивните студенти, професори и истражувачи повторно би добиле пристап до европските програми „Еразмус+“ и „Хоризонт Европа“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека Брисел предлага одблокирање на средствата и повторно отворање на европските образовни и истражувачки програми за Унгарија.

Сепак, одлуката на Комисијата не значи дека парите веднаш ќе ѝ бидат исплатени на Будимпешта. Предлогот треба да биде разгледан и одобрен од Советот на Европската Унија, по што ќе може да започне ослободувањето на средствата.

Парите се дел од поширокиот пакет европски фондови што беа замрзнати поради долгогодишните забелешки за состојбата со владеењето на правото, корупцијата, јавните набавки, независноста на судството и академските слободи во Унгарија.

Во мај, Европската комисија најави дека напредокот во реформите може да овозможи ослободување вкупно 16,4 милијарди евра. Пакетот опфаќа околу 10 милијарди евра од фондот за закрепнување „Следна генерација ЕУ“, 4,2 милијарди евра од кохезиската политика и дополнителни 2,2 милијарди евра поврзани со реформите во високото образование и академската слобода.

Ограничувањата за унгарските универзитети беа воведени поради загриженоста на Брисел за начинот на управување со високообразовните институции ставени под контрола на таканаречени фондации од јавен интерес. Европските институции предупредуваа на можен политички конфликт на интереси и недоволна транспарентност во нивното работење.

Поради мерките, студентите и вработените во засегнатите институции беа оневозможени целосно да ги користат можностите што ги нудат „Еразмус+“ и „Хоризонт Европа“. Првата програма овозможува студентски размени и образовна мобилност, додека втората финансира научни и истражувачки проекти.

Најновиот предлог претставува значаен чекор кон нормализирање на односите меѓу Брисел и Будимпешта. Европската комисија, сепак, ќе продолжи да го следи спроведувањето на реформите, а конечната достапност на средствата ќе зависи од исполнувањето на договорените услови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс