Егзит се враќа дома: Ќе ја славиме слободата на Петроварадинската тврдина

По победата на Студентската листа на изборите во Србија фестивалот најави специјално јулско издание на Петроварадинската тврдина пред големото враќање закажано за 2028 година.

Егзит фестивал се враќа дома следното лето. По тридневна прослава на, како што наведуваат организаторите, историската победа на српските студенти, тимот на фестивалот потврди дека Петроварадинската тврдина во Нови Сад повторно ќе отвори порти веќе во јули. Првичниот план предвидуваше пауза до 2028 година за подготовка на целосен камбек, но илјадниците пораки и апели од публиката го забрзаа процесот за специјално издание посветено на слободата и заедништвото.

Организаторите преку официјално соопштение нагласија дека враќањето на фестивалот отсекогаш било директно условено со враќањето на слободата во земјата.

„Секогаш велевме дека Егзит ќе се врати кога слободата ќе се врати во нашата земја – и благодарение на храброста, одлучноста и неверојатната истрајност на српските студенти, тој момент конечно пристигна!“, соопштија од фестивалот.

Оваа директна референца кон студентските движења во Србија ја реафирмира изворната улога на Егзит, кој настана токму како младински граѓански бунт и отпор против режимот на Слободан Милошевиќ во 2000 година. За публиката од целиот регион, вклучително и илјадниците млади од Македонија кои традиционално патуваат во Нови Сад, оваа најава значи враќање на еден од најважните регионални простори за прогресивна младинска култура.

Првичната стратегија на организацискиот одбор предвидуваше подолго отсуство од тврдината поради логистички и продукциски причини.

„Нашиот првичен план беше да се вратиме во 2028 година, бидејќи враќање во полн обем од магнитудата што ја замислуваме бара најмалку 18 месеци подготовка“, објаснуваат од тимот на фестивалот.

Сепак, огромниот притисок на јавноста доведе до итна промена на плановите:

„Нè преплавивте со толку многу љубов! Илјадници неверојатни мејлови, пораки, коментари и медиумско внимание разјаснија една работа: вие едноставно не можете да чекате толку долго, а не можеме ниту ние! Па така, додека големото враќање на Егзит останува за 2028 година, ние се собираме на Тврдината следниот јули за да ја прославиме слободата, единството и љубовта со специјално Егзит доживување кое ќе го откриеме наскоро. Го слушнавме вашиот повик. И се враќаме дома!“


Деталите за точниот концепт, форматот и изведувачите за јулскиот настан на Петроварадинската тврдина се очекуваат во наредните недели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс