Претставата „Едмонд“ на Народниот театар од Битола, работена по текст на Дејвид Мемет во режија на Оливер Мицевски, е избрана во официјалната програма на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп.
Годинава фестивалот се одржува под мотото „Храбриот нов театар“, со тематски фокус „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. Во официјалната програма се избрани десет претстави, додека четири ќе бидат дел од придружната програма.
„Едмонд“ е драма за една ноќ во животот на Едмонд Бурк, раскажана низ 23 кратки сцени, со препознатливиот остар драмски јазик на Мемет, еден од најзначајните современи американски драмски автори, добитник на Пулицерова награда и повеќекратно номиниран за Оскар.
Според уметничката директорка на фестивалот, проф. д-р Ана Стојаноска, претставата се издвојува не само по „кратките рафални реплики“ на Мемет, туку и по режисерската постапка на Оливер Мицевски, кој ја гради претставата врз доминантната актерска естетика на Огнен Дранговски. Во фокусот е човек кој во една ноќ решава да излезе од познатите животни конвенции, играјќи си со идејата за слобода, но со последици што му се враќаат како бумеранг.
Главната улога ја толкува Огнен Дранговски, а во претставата играат и Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Јубилејното издание на „Војдан Чернодрински“ ќе биде отворено со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар, а ќе биде затворено со гостување на Београдско народно позориште и изведбата на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрљиќ, по текст на Дејан Дуковски, кој годинава е автор во фокус на фестивалот. По повод 60. издание ќе бидат доделени и четири награди за животно дело: на актерот Атила Клинче, режисерот Сашо Миленковски, сценографот и основач на Театарот за деца и младинци Љубомир Чадиковски и актерот Веби Ќерими.