Американската администрација на Доналд Трамп најави нов пакет помош од 242 милиони долари за борба против епидемијата на ебола во Африка, со фокус на Демократска Република Конго. Итниот финансиски пакет, кој чека одобрение од американскиот Конгрес, доаѓа во момент кога хуманитарните организации предупредуваат дека ова е најголемиот и најтешкиот бран на ширење на вирусот во историјата на оваа африканска земја.
Според податоците на хуманитарната организација „Лекари без граници“ (MSF), епидемијата во источниот дел на ДР Конго трае речиси два и пол месеци и веќе ги надмина сите претходни црни рекорди. Досега се лабораториски потврдени повеќе од 3.600 случаи на зараза со опасниот вирус, а околу 1.500 луѓе го изгубиле животот. Еболата е исклучително заразна болест која се пренесува со директен контакт со телесни течности од инфицирани лица и има висока стапка на смртност.
Издвојувањето на дополнителните средства го објави американското Министерство за надворешни работи, нагласувајќи дека паричната помош ќе служи за итно сузбивање на болеста, зајакнување на здравствените капацитети во регионот и директна поддршка на терен. Новиот пакет е продолжение на преземените обврски од самитот на Г7 во јуни, со што вкупната директна американска помош за справување со еболата надминува 512 милиони долари.
Најавата за помош доаѓа по низата одлуки на администрацијата во Вашингтон за кратење на меѓународните хуманитарни буџети и одлуката за повлекување на САД од Светската здравствена организација (СЗО). Покрај директните средства за здравствена заштита, Вашингтон најави и 350 милиони долари за поширока хуманитарна поддршка за ДР Конго, Јужен Судан и Уганда.