„Џган“ повторно на големото платно: Култниот филм на Вардан Тозија слави 10 години со проекција под отворено небо

Еден од највпечатливите македонски филмови од последната деценија, „Џган“ на Вардан Тозија, одбележува десет години од светската премиера со специјална јубилејна проекција во летното кино на „Синеплекс“. По филмот ќе следува разговор со екипата и дружење со публиката.
Screenshot

Филмот „Џган“, по сценарио и во режија на Вардан Тозија, годинава одбележува десет години од својата светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго, каде што првпат беше претставен пред светската публика.

Јубилејот ќе биде прославен на 25 август со специјална проекција во рамки на „Rooftop Open Air Cinema“, на отворената катна гаража во Скопје Сити Мол. Проекцијата започнува во 20:30 часот, а по неа ќе следува интерактивна средба на публиката со дел од филмската екипа и дружење по повод десетгодишнината.

Продуцентот на филмот, Огнен Антов, вели дека „Џган“ и по една деценија останува подеднакво актуелен.

„Кога денес го гледам ‘Џган’, не гледам филм од пред десет години, туку приказна што не застарела во ниту еден кадар. Најголемата награда не се фестивалските признанија, туку кога млад филмаџија ќе каже дека токму овој филм му бил инспирација. Некои филмови стареат, овој филм само чека повторно да биде откриен“, вели Антов.

Приказна за младите на маргините

„Џган“ ја следи приказната за повлечено момче кое, поради суровите околности во дом за деца без родители, се претвора во водач на група млади отфрлени од општеството. Заедно тие тргнуваат во одмазда кон светот што им нанел болка, носејќи го товарот на едно име што им е наметнато – „Џган“.

Под мотото „Никој не е роден насилен“, Вардан Тозија создаде филм кој отвори важни прашања за насилството, социјалната исклученост и одговорноста на општеството кон младите.

Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски, а во актерската екипа се и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов и Мартин Живковски.

Филм што освои светски фестивали

По премиерата во Чикаго во 2016 година, „Џган“ беше прикажан на десетици фестивали низ Европа, Северна и Јужна Америка, Азија и Африка, меѓу кои Гетеборг, Шангај, Гвадалахара, Трансилванија, Брауншвајг, Дурбан и многу други.

Филмот освои и повеќе значајни награди, меѓу кои Специјалната награда на жирито за актерска изведба за Мартин Ѓоргоски во Брауншвајг, наградата FIPRESCI на PRIFEST во Приштина и неколку Гран при признанија на фестивалите во Кицбил и Отранто.

Македонски продуцент на филмот е „Дрим Фектори“, а копродуцент е „Red Helicopter Films“ од Албанија. Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и SEE Cinema Network.

Билетите за јубилејната проекција се веќе пуштени во продажба на билетарницата на киното „Синеплекс“ во Скопје Сити Мол и онлајн преку официјалната страница на киното.

е-Трн да боцка во твојот инбокс