Нов земјотрес со магнитуда од 4,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран во близина на брегот на Венецуела, на околу 70 километри западно од главниот град Каракас. Засега нема информации за нови материјални штети или жртви. Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), потресот бил регистриран во 15:20 часот по локално време, во близина на северната сојузна држава Арагва.
Новиот земјотрес дојде во момент кога спасувачките екипи и понатаму трагаат по преживеани по двата силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени, кои ја погодија Венецуела во средата и предизвикаа големи разурнувања.
„Сè уште се тресам од страв“
По најновиот потрес, бројни жители ги споделија своите реакции на социјалните мрежи. „Боже, смилувај ни се“, напиша еден од жителите.
Друг сведок изјавил дека потресот траел само неколку секунди, но стравот сè уште не поминува.
„Траеше можеби три секунди, но сè уште се тресам од страв“, навел тој.
Најтешко погодена и натаму останува сојузната држава Ла Гваира, додека последици од претходните разорни потреси се забележани и во делови од Каракас.
Жителите незадоволни, спасувачките акции продолжуваат
Жителите на погодените подрачја изразуваат незадоволство поради, како што велат, недоволната организација на спасувачките и хуманитарните активности. Дополнителен проблем претставуваат прекините на мобилната телефонија и интернет-врските во дел од погодените региони, што ја отежнува комуникацијата и координацијата на терен.
Во меѓувреме, спасувачките операции продолжуваат без прекин. Локалните служби, заедно со меѓународни спасувачки тимови, и натаму ги пребаруваат урнатините во надеж дека ќе пронајдат уште преживеани.