Samsung ги зголеми цените за производство на одредени чипови за до 15 отсто, откако зголемената побарувачка за производствените капацитети на TSMC ги натера дел од компаниите да бараат лтернативи.
Според информации пренесени од „Ројтерс“, во јули Samsung за американските и кинеските клиенти ги зголемил цените за производство на чипови на 4-нанометарскиот SF4 процес за 10 до 15 отсто. За тајванските компании зголемувањето било меѓу 5 и 10 отсто.
Поскапувањето не го опфатило само овој процес. Производството на 5-нанометарскиот SF5 процес исто така поскапело за 10 до 15 отсто, додека цената на постариот 8-нанометарски процес пораснала за речиси 10 отсто. Токму на 8-нанометарскиот процес се произведуваат одредени чипови што ги користи Nvidia, меѓу другото и за Nintendo Switch 2, како и за графички картички од серијата GeForce RTX 3060.
Причината за растот на цените е зголемената побарувачка за производство на напредни чипови, поттикната пред сè од бумот на вештачката интелигенција. Ограничените капацитети на TSMC ги насочуваат дел од клиентите кон Samsung.
Одделот на Samsung за производство на чипови за други компании, познат како foundry бизнис, со години бележи загуби. Сепак, аналитичарите очекуваат дека комбинацијата од поголема побарувачка и повисоки цени би можела да му помогне на одделот повторно да оствари профит уште следната година.