Џакарта, главниот град на Индонезија, се соочува со сериозен проблем – тоне побрзо од кој било друг голем град во светот. Во северните делови земјиштето се спушта и до 25 сантиметри годишно, а околу 40 проценти од градот веќе се наоѓаат под нивото на морето.
Во метрополата живеат повеќе од 30 милиони луѓе, а најголемата причина за тонењето не е покачувањето на нивото на морето, туку прекумерното црпење подземни води. Поради недоволно развиен водоводен систем, многу жители и компании користат сопствени бунари, што предизвикува слегнување на почвата.
Поради оваа закана, индонезиските власти во 2019 година донесоа одлука административниот главен град да се пресели. Новата престолнина, Нусантара, се гради во источен Калимантан, на островот Борнео, околу 1.000 километри од Џакарта. Проектот вреди повеќе од 30 милијарди долари, а првата фаза треба да биде завршена до 2045 година.
Сепак, преселувањето на институциите не го решава проблемот со Џакарта. Градот останува економски центар на Индонезија и дом на милиони жители. Експертите предупредуваат дека без сигурно водоснабдување и прекин на прекумерното користење на подземните води, постои ризик значителен дел од градот да биде под вода до 2050 година.