Во сабота, на 19 септември, од 20 часот, Драмски театар Скопје ќе ја изведе претставата „Федра – Антропологија на една желба“, во режија на Дино Мустафиќ. Театарскиот диптих ги спојува „Федра“ од Жан Расин и „Љубовта на Федра“ од Сара Кејн, два текста напишани во различни епохи, но обединети од темите на забранетата љубов, опсесијата и самоуништувањето.
Во класичната трагедија на Расин, Федра живее во свет во кој владеат редот, честа, законите и чувството на вина. Нејзината желба е опасна затоа што ги нарушува правилата врз кои се темели општеството. Кај Сара Кејн, истиот мит е преселен во сурова современа реалност, во која љубовта се претвора во опсесија, а рамнодушноста и отуѓеноста водат кон распаѓање.
Мустафиќ ги поставува двата текста како две лица на истата приказна. Иако сценските светови се радикално различни, во нивниот центар останува прашањето до каде може да стигне човекот кога ќе посака нешто што не смее да го има.
Ликот на Федра во двата дела го толкува Јелена Жугиќ, со што актерката станува врската меѓу класичната трагедија и нејзиното современо читање. Во претставата настапува и Дејан Лилиќ, кој по осум години повторно се враќа на матичната сцена, во улогата на Тезеј.
Во актерската екипа се и Александар Степанулески, Лазар Христов, Леонардо Лазов, Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.
Претставата е наменета за публика постара од 18 години, а билетите се достапни преку интернет-страницата на Драмски театар.