Транспарентност по потрошени 5,5 милиони евра не е транспарентност. Тоа е задоцнето признание. Додека траеше прославата, на новинарските прашања за цената не се одговараше. Откако музиката заврши и БИРН ја откри патеката на парите, Владата соопшти дека компанија во целосна државна сопственост обезбеди 300 милиони денари.
Државни пари се, ама не биле јавни
Речиси 4,9 милиони евра од прославата на 35 години независност ги обезбедила Државна лотарија. Дополнителни 650.000 евра дале компании претставени како општествено одговорни спонзори, со што вкупната вредност на настаните достигна околу 5,5 милиони евра.
Парите на Лотарија потекнуваат од 300 милиони денари нераспределена добивка за 2024 година. Директорот Александар Климовски објасни дека Владата, како единствен акционер и „газда“ на компанијата, наложила парите да се употребат за прославата. Лотарија, според него, нема можност да го одбие налогот.
Климовски тврдеше дека нераспределената добивка е компаниска, а станува буџетска дури кога ќе се донесе одлука да се уплати во државниот буџет. Формално-правното објаснување можеби е уредно спакувано, но не го отстранува прашањето за јавниот интерес.
Државата е единствен сопственик, Владата одлучува каде ќе одат парите, а државната компанија го извршува налогот.
Од јавноста се очекува да прифати дека со тие 300 милиони денари нема никаква врска само затоа што парите не поминале низ трезорската сметка. Вистинско сметководствено чудо, достојно за лотарија.
Пет дена за проект од сто страници
Хронологијата е уште поинтересна. Владата на седница одржана на 28 април решила како треба да изгледа прославата и ѝ наложила на Државна лотарија да објави повик. Повикот беше објавен два дена подоцна, на 30 април, со рок од само пет работни дена за доставување понуди.
Во тој краток рок пристигнала една понуда. Ја доставила компанијата „Стардаст“, која стои зад брендот „Авалон“. Понудата имала околу сто страници, а ја прифатила комисија составена од надворешни стручни лица.
Тоа е импресивна продукциска брзина. За пет работни дена требало да се разработи концепт за низа настани, да се направат буџет и логистика, да се испланира продукција за десетици илјади луѓе и да се обезбедат светски познати изведувачи. Потоа сето тоа требало да се смести во сто страници текст.
Повикот бараше светски артист од „А класа“, продукција од истиот ранг и настан на отворено со најмалку 30.000 посетители. Беше побаран уште еден меѓународен артист со македонски изведувачи, како и најмалку 12 театарски и визуелни настани низ државата.
Подоцна токму тоа се реализираше. Настапија Дејвид Гета, Хозе Карерас, Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Окенфолд, а низ повеќе градови се одржуваше перформансот „Силно светнал ден“.
Овие факти не се доказ дека повикот бил наместен. Тие отвораат прашање што може да се затвори единствено со целосно објавување на документацијата: дали „Стардаст“ го подготви проектот за пет работни дена или располагаше со информации за концептот порано?
Спонзорство наместо јавна набавка
Целата постапка се водела како спонзорство, а не како јавна набавка. Поради тоа, повикот не беше објавен во системот на Бирото за јавни набавки. Климовски дури објасни дека Лотарија немала законска обврска да објави јавен повик и дека тоа го направи во интерес на транспарентноста.
Значи, државна прослава, осмислена од Владата и финансирана со добивката на државна компанија, се реализираше преку спонзорски договор. Еден збор беше доволен постапката да остане надвор од системот во кој вообичаено се споредуваат понуди и јавно се следи трошењето.
Јавниот повик во такви услови навистина е дополнителен чекор. Рокот од пет работни дена и единствената понуда покажуваат колку далеку стигна конкуренцијата.
Прашањето од 5,5 милиони евра беше „провокација“
На 7 септември, еден ден пред концертот на Дејвид Гета, новинарка го праша Бобан Милошески од „Авалон“ зошто не е објавена вредноста на договорот и дали постои клаузула што го спречува објавувањето.
„Дали ти изгледам јас ко идиот? Јас кажав за што е пресот. Имате да поставите прашање во контекст на пресот?“, возврати Милошески, а прашањето го оцени како провокација.
Таквиот однос кон новинарите е недозволив. Новинарката не прашуваше за приватниот живот на организаторот, туку за вредноста на договор поврзан со државна прослава. Милошески подоцна се извини за испадот, но во моментот кога јавноста бараше одговор, доби навреда.
Очигледно, прашањето за 5,5 милиони евра не беше доволно празнично.
Отчетност откако сè заврши
Од 2 август до 8 септември беа организирани вкупно 16 настани. Концептот беше познат уште во мај, но сумата остана непозната во текот на целата реализација.
На 8 септември заврши прославата. На 9 септември БИРН откри дека договорот со „Авалон“ одеше преку Државна лотарија. Следниот ден Владата организираше прес-конференција под банерот „Силно светнал ден, транспарентност и отчетност“ и ја објави сумата.
Силно светнал ден, навистина. Само четири месеци подоцна.
Суштинското прашање не е дали Македонија треба достоинствено да ја одбележува независноста, ниту дали на граѓаните им се потребни концерти и културни настани. Прашањето е кој одлучува за милионските трошоци, како се избира организаторот и зошто јавноста ја добива сметката откако сè веќе заврши.
И на крај, можеби конечно ниеграѓаните на земјава, чиј триесет и петти роденден се обидувавме да го доживееме славенички и покрај истиот број на години кои демократско извраните неповратно ни го трошат, треба да го поставиме вистинското прашање: Дали ви личиме ко идиоти?
Пишува: Васко Лазаревски