Што е „дисензус“? „Друга приказна“ отвора простор за гласовите што не се согласуваат

Единаесеттото издание на книжевниот фестивал ќе се одржи од 4 до 6 септември во Центар Јадро во Скопје, со програма посветена на книжевноста, маргиналната уметност и критичките гласови.

Книжевниот фестивал „Друга приказна“ годинава се одржува по единаесетти пат, од 4 до 6 септември во Центар Јадро во Скопје, а програмата е обединета околу темата „Дисензус“.

Во наједноставна смисла, дисензус значи несогласување. Но, во контекстот на фестивалот, зборот се однесува и на судирот со доминантните идеи и норми, како и на просторот што уметноста и книжевноста го создаваат за поинакви, маргинализирани и критички гласови.

Програмата во петок, 4 септември, започнува во 18 часот со предавањето на Сенка Латиновиќ, „Дефект во системот: маргиналната уметност како место на дисензусот“.

Во 19 часот следува разговорот „Помеѓу двајца – цел еден свет“, со Искра Гешоска и Драган Протиќ.

Во 20:30 часот ќе биде отворена изложбата 18 величествени маргинални уметници, а ќе биде промовиран и новиот, 98. број на списанието „Маргина“.

Првиот фестивалски ден ќе заврши во 21 часот со настапот на Стевица Шепра Михајлов и Свирачиња, насловен „Лу Рид тогаш не дојде“.

„Друга приказна #11“ продолжува до 6 септември во Центар Јадро.

е-Трн да боцка во твојот инбокс