Дронови го парализираа единствениот меѓународен аеродром во Луксембург

Летовите беа сопрени поради безбедносен ризик за екипажите и патниците, а властите не откриваат кој управувал со леталата.
Фото: Jwh at Wikipedia Luxembourg, CC BY-SA 3.0 LU, via Wikimedia Commons

Авиосообраќајот на единствениот меѓународен аеродром во Луксембург беше привремено прекинат откако надлежните служби забележале неовластени беспилотни летала во непосредна близина на пистите. Одлуката за запирање на полетувањата и слетувањата е донесена од претпазливост заради безбедноста на патниците и летачкиот персонал. Сообраќајот во меѓувреме е обновен, но надлежните предупредуваат на можни натамошни доцнења на летовите.

Прекинот на сообраќајот стапи на сила во петокот вечерта, веднаш штом радарите и аеродромските служби регистрираа присуство на дронови во воздушниот простор над аеродромот. Раководството на аеродромот соопшти дека затворањето на пистата било неопходно за да се избегне каков било ризик за комерцијалните авиони и персоналот на земја.

Институциите досега не споделија детали за тоа од каде полетале беспилотните летала, ниту пак кој стои зад инцидентот.

Утринава воздушните операции се вратени во функција. Сепак, аеродромските служби нагласуваат дека патниците може да се соочат со поместување на термините додека авиокомпаниите целосно не ги усогласат линиите.

Аеродромот претставува главна база на националниот авиопревозник „Луксер“ (Luxair). Управата на аеродромот потврди дека останува во постојана координација со полицијата и безбедносните агенции со цел да се спречат слични упади во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс