Два трговски брода беа погодени со дронови во Црното Море во близина на брегот на Бугарија, при што едниот од нив потона. Спасувачките екипи во моментов трагаат по исчезнатите членови на екипажот од потонатиот брод, додека бугарските власти за денеска свикаа вонреден состанок. Ова е прв ваков напад врз цивилни пловила во исклучивата економска зона на земја-членка на НАТО.
Нападот се случил на отворено море во близина на бугарскиот брег. Како што соопшти шефот на спасувачките операции во Варна, Румен Николов, за бугарскиот јавен сервис БНР, екипажот на потонатиот брод сè уште се води како исчезнат.
Од вториот погоден брод сите 18 членови на екипажот успеале да се евакуираат откако на палубата избувнал пожар. Нив ги прифатил и ги згрижил бугарскиот траект „Диоскурија“, а според првичните извештаи, дел од спасените морнари се здобиле со повреди.
Два кораба са атакувани край България https://t.co/hSVMKWwUmV
— Maritime.bg (@MaritimeBul) October 6, 2026
Според информациите што ги објави бугарскиот поморски портал Maritime.bg, потонатиот брод е „Алфа Ватан“ (Alfa Watan), кој plовел под знамето на Того. Вториот оштетен сад е бродот „Ејбл“ (Able), регистриран под знамето на Палау.
Засега официјално не е утврдено од каде биле лансирани беспилотните летала, ниту кој стои зад ударот. Инцидентот доаѓа само еден ден откако најмалку еден дрон погоди товарен брод за жито во турска сопственост во водите на Црното Море, кој исто така потона по избивање на голем пожар.
Поради инцидентот во бугарската поморска зона, владата во Софија најави итно обраќање до јавноста и свикување вонреден состанок за безбедносната состојба во Црното Море.
Бугарскиот премиер Румен Радев ќе претседава со вонредната владина седница свикана токму поради серијата напади со беспилотни летала врз трговскиот поморски сообраќај.