Дрон што летал над Украина утрово, 24 септември, навлегол во романскиот воздушен простор и паднал во близина на градот Солка, во округот Сучава. Според романското Министерство за одбрана, леталото било над Романија околу четири минути. При падот нема повредени ниту материјална штета.
Романските радари најпрво ја забележале воздушната цел над Украина, близу границата. По нејзиното навлегување во Романија, од воздухопловната база Борчеа полетале два романски борбени авиона Ф-16 за да ја следат ситуацијата. За населението во окрузите Ботошани и Сучава била издадена предупредувачка порака преку системот RO-Alert.
Екипите што пристигнале на местото на падот пронашле дрон со мали димензии и го обезбедиле подрачјето. Романското Министерство за одбрана соопшти дека немало пожар. Засега не го наведе потеклото на дронот.
Во одделен инцидент во текот на истата ноќ, поради воздушни цели забележани над Украина во близина на округот Тулчеа, биле подигнати и два шпански авиона Ф-18 ангажирани во воздушното патролирање. Според официјалното соопштение, за двата инцидента полетале четири борбени авиони, а подоцна за набљудување на подрачјето кај Солка бил испратен и хеликоптер.