Што треба за добро сценарио: Мастерклас на Пјер Хоџсон на „Дрим Шорт“

Третиот ден на филмскиот фестивал „Дрим шорт“ во Струга носи едукативни содржини, студентски остварувања во фокус и богата музичка програма.

Мастерклас на британскиот сценарист Пјер Хоџсон на тема „Why it takes so long to write a screenplay“, студентски филмски проекции и работилница за спречување насилство врз жени ја одбележуваат програмата за третиот ден на јубилејното 10. издание на фестивалот за краток филм „Дрим Шорт“ во Струга.

Едукативната програма за петок започна во 13 часот во Europe House Struga со работилница предводена од „Женска Инфо Точка – Струга“. Темата е „Справување со насилството врз девојчиња и жени“, а во рамки на сесијата ќе се анализира студентскиот филм „Сведоци“ во режија на Јана Голабоска.

Централниот едукативен настан следуваше во 17 часот на истата локација. На мастеркласот на Пјер Хоџсон ќе се дебатира за сите фази низ кои поминува еден автор за да стигне до финалната верзија на филмското сценарио и за причината зошто овој процес бара долга временска подготовка.

Филмската вечер продолжува во Europe House Struga од 20 часот со проекции од програмата „Студенти во фокус“. Публиката ќе има можност да види шест остварувања, меѓу кои „ALEMBIC: Without Hitting Anyone“ на Теона Христовска, „Witnesses“ на Јана Голабоска, „Quo Vadis Jan?“ на Леона Јариќ, „Faced with infinity“ на Никола Јовановиќ, „The Sky is not the Limit“ на Бојана Миовска и „Delusion“ на Марија Петреска.

Паралелно, од 20:30 часот во Паркот на поезијата ќе се прикажува студентската натпреварувачка програма. Меѓународниот дел го носи „Grandma Nai Who Played Favorites“ на Чангкеа (Chheangkea), додека во регионалната конкуренција ќе се прикаже „What If The Sky Sees Us?“ на Кристин Абу Зеин.

Во рамки на специјалната програма „Соочување со минатото“ ќе биде прикажан „Slet 1988“ на Марта Попивода, а националната програма ги вклучува „TLSM“ на Филип Момировски и „Living Waters“ на Сезер Салихи. По проекциите е предвидена дискусија и сесија за прашања и одговори со авторите, со која ќе модерира Златко Ѓелески.

Покрај стандардните проекции, посетителите во просторот „Дуќан“ секој фестивалски ден имаат пристап до специјалната ВР програма, каде се достапни виртуелните искуства „Shelter“ и „8 billion selves“.

Завршницата на третата фестивалска вечер е резервирана за музичкиот дел во Паркот на поезијата. Програмата вклучува концерт на дуото „Антарктик“, по што следува диџеј сет на Александар Гроздановски – Herzel, реализиран со поддршка од Europe House Struga. Влезот за сите фестивалски настани е слободен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс