Драма за историја на Мундијалот: Гол во 96. минута го елиминира Иран и ги однесе Алжир и Австрија во нокаут-фазата

Алжир и Австрија одиграа спектакуларни 3:3 во последното коло од групата Ј, а голот во 96. минута го остави Иран без место во нокаут-фазата на Светското првенство.
epa13057658 Soccer balls rest on the field during the 2026 FIFA World Cup group stage match between Jordan and Algeria at San Francisco Bay Area Stadium in Santa Clara, USA, 22 June 2026. EPA/BENJAMIN FANJOY

Алжир и Австрија одиграа спектакуларен натпревар кој заврши 3:3 во последното коло од групата Ј на Светското првенство, а драматичниот финиш донесе пласман во шеснаесетфиналето за двете селекции. Најголем губитник од ваквиот расплет беше Иран, кој остана без место во нокаут-фазата буквално во последните секунди.

Австрија ја заврши групната фаза на второто место зад Аргентина со четири освоени бода, додека Алжир исто така освои четири бода и како една од најдобрите третопласирани репрезентации обезбеди место меѓу 32-те најдобри.

Австријците поведоа во 28. минута преку Марко Арнаутовиќ, кој ја искористи грешката на алжирската одбрана. Алжир израмни непосредно пред паузата со погодокот на Рафик Белгали. Во второто полувреме Марсел Забицер повторно ја донесе Австрија во водство во 55. минута, но само пет минути подоцна Ријад Марез израмни на 2:2 по одличната асистенција на Хусем Ауар.

Како што се ближеше крајот, изгледаше дека ремито им одговара на двата тима, но следуваше вистински трилер. Во третата минута од судиското продолжение Марез го постигна својот втор гол и му донесе водство на Алжир од 3:2. Во тој момент Иран беше репрезентацијата што обезбедуваше место во нокаут-фазата.

Но, радоста на Иранците траеше само три минути. Во 96. минута резервистот Саша Калајџиќ, кој штотуку влезе во игра, со гол со глава ги постави конечните 3:3 и ѝ обезбеди пласман на Австрија. Со тој погодок и Алжир остана меѓу патниците во нокаут-фазата, додека Иран беше елиминиран по една од најдраматичните завршници на ова Светско првенство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс