Утринава се одвиваше вистинска драма кај Вардар откако машко лице скокна во речните води во скопската општина Аеродром. Случајни минувачи и очевидци веднаш алармирале до надлежните служби, по што полициски екипи излегоа на терен и успеаја да го извлечат човекот од речното корито. По успешната спасувачка акција, тој со возило на Брза помош беше пренесен во болница за укажување лекарска помош.
Инцидентот се случил во утринските часови на потегот зад скопската населба Острово. Граѓани кои се нашле на кејот забележале кога мажот влегол во водите на реката, по што веднаш била повикана полиција.
Според сведочењата на очевидците, полициските службеници брзо пристигнале на кејот, се симнале кон коритото и постојано комуницирале со човекот со цел безбедно да го извлечат на суво. По кратка драма и обиди да му се пристапи, полицајците успеале да го извадат од реката, каде веќе пристигнала и медицинска екипа за итна помош.
Случајот официјално е регистриран и во полицискиот билтен, од каде потврдија дека интервенцијата се одвивала на граничниот потег меѓу двете скопски општини.
„Денеска околу 08:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во водите на река Вардар на подрачје на Гази Баба скокнало едно машко лице. Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот. Лицето со возило на Брза помош е пренесено во болница за укажување на лекарска помош“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Од полицијата додаваат дека се преземаат конкретни мерки за целосно расчистување на околностите под кои мажот завршил во реката.