Саудиска инвестиција би можела да го оживее напуштениот парк кај Париз како „Dragon Ball“ атракција

Франција преговара со саудиски инвеститори за обнова на напуштениот Мираполис, кој би можел да стане тематски парк инспириран од Dragon Ball.

Франција преговара со саудиски инвеститори за обнова на некогашниот забавен парк Мираполис, кој би можел да стане нов тематски парк инспириран од популарната манга „Dragon Ball“.

Француската влада води доверливи разговори со саудиски инвеститори за обнова на напуштениот тематски парк Мираполис, кој се наоѓа околу 30 километри северозападно од Париз. Планот е просторот да се претвори во модерна туристичка атракција посветена на светски познатата манга „Dragon Ball“.

Според информации на „Политико“, во преговорите учествува компанијата Qiddiya Investment Company, која е дел од Саудискиот јавен инвестициски фонд. Вредноста на проектот сè уште не е официјално потврдена, но се проценува дека инвестицијата би можела да надмине една милијарда евра.

Проектот е дел од саудиската стратегија „Визија 2030“, чија цел е развој на туризмот и индустријата за забава, со намалување на зависноста од приходите од нафта. Истата компанија веќе гради огромен забавен комплекс во близина на Ријад, каде исто така е планиран тематски парк инспириран од „Dragon Ball“.

Мираполис беше отворен во 1987 година како француски одговор на американските тематски паркови, но поради финансиски проблеми и силната конкуренција од Дизниленд Париз беше затворен само четири години подоцна.

Засега ниту кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон ниту компанијата Qiddiya официјално не ги коментираа преговорите, кои сè уште се водат зад затворени врати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс