Доли Партон остави наследство на солидарност, еднаквост и милиони книги

Од милионската донација за вакцината на „Модерна“ до 200 милиони подарени книги: Како кантри кралицата го сруши стереотипот за себичноста на ѕвездите.
Фото: Flickr/Timothy Wildey

Американската музичка икона Доли Партон со децении градеше модел на општествено дејствување што се разликува од вообичаениот селебрити активизам. Нејзиниот пристап комбинираше директни милионски инвестиции во наука и образование, конкретна помош за заедниците погодени од кризи и јавна поддршка за човековите права во традиционално конзервативни средини.

Во пролетта 2020 година, кога светот се соочи со почетокот на ковид-пандемијата, Партон уплати лична донација од еден милион долари на Медицинскиот центар при Универзитетот „Вандербилт“. Овие средства овозможија финансирање на критичните рани фази од истражувањето што директно придонесе за развој на вакцината на компанијата „Модерна“. Нејзиниот придонес беше официјално наведен во научните извештаи објавени во „New England Journal of Medicine“.

Кога вакцината стана достапна, таа јавно се имунизираше пред камерите и ја препеа својата позната песна „Jolene“ во „Vaccine“. Со пораката насочена кон милиони фанови, таа директно се спротивстави на скептицизмот и теориите на заговор, повикувајќи ги граѓаните да ѝ веруваат на науката.

„Библиотека на имагинацијата“: Над 200 милиони подарени книги за деца

Најдолготрајниот проект на Партон започна во 1995 година преку нејзината фондација „Dollywood Foundation“. Програмата наречена „Imagination Library“ (Библиотека на имагинацијата) беше создадена како личен омаж за нејзиниот татко, кој поради сиромаштија никогаш не научил да чита.

Иницијативата обезбедува[e бесплатна книга секој месец за секое пријавено дете, од раѓање до тргнување во училиште, без оглед на приходот на семејството. Од локална акција во Тенеси, програмата прерасна во меѓународна мрежа што опфаќа пет земји, САД, Канада, Велика Британија, Австралија и Ирска. Досега преку оваа мрежа се испорачани над 200 милиони книги директно на домашните адреси на децата.

Сојузништво со ЛГБТИ+ заедницата наспроти конзервативните притисоци

Кантри музиката со децении важи за жанр со претежно конзервативна публика и индустрија, но Партон постојано и недвосмислено застанува во одбрана на ЛГБТИ+ заедницата. Таа отворено ја поддржа брачната еднаквост уште во периодот кога тоа беше реткост меѓу изведувачите од нејзиниот жанр.

Во текот на годините, таа отфрли секакви обиди нејзината публика да биде сегрегирана или исклучена од нејзините настани и тематски паркови, вклучително и одбраната на геј деновите во „Dollywood“. Нејзината јавна позиција се базира на универзално прифаќање и одбивање на дискриминацијата, порачувајќи дека секој човек заслужува почит и простор да биде автентичен.

Финансиска помош за семејствата погодени од пожари и поддршка за образованието

Филантропијата на Партон се активираше директно и за време на природните катастрофи. По разорните шумски пожари во Грејт Смоуки Маунтинс во Тенеси во 2016 година, нејзиниот фонд „My People Fund“ обезбеди по 1.000 долари месечно во период од шест месеци за речиси 900 семејства кои ги загубија своите домови, со завршна исплата од 5.000 долари за секое семејство.

Нејзините образовни иницијативи опфаќаат и стипендии за матуранти, како и целосно покривање на трошоците за школарина, такси и книги за сите вработени во нејзините компании кои сакаат да продолжат со високото образование.

Покрај помошта во кризи, нејзината компанија „Dollywood Parks & Resorts“ воведе програма со која покрива 100 отсто од трошоците за школарина, административни такси и книги за сите свои 11.000 вработени со полно или скратено работно време кои сакаат да студираат.

Нејзиниот финансиски ангажман континуирано го поддржува и педијатриското здравство. Партон уплати лична донација од 1 милион долари за детската болница „Monroe Carell Jr.“ при Универзитетот „Вандербилт“ за истражување и лекување на педијатриски инфективни болести, како и дополнителни средства за развој на детскиот центар за рак во Тенеси.

Вкупните средства кои Партон ги донирала во хуманитарни цели во текот на нејзиниот живот се проценуваат на неколку стотици милиони долари, но освен средствата, поддршката за маргинализираните заедници беше доста значајна и ги кршеше табуата на кантри-музиката, која важи за козервативна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс