Глобалните финансиски пазари минуваат низ период на силна прераспределба на силите, каде американскиот долар диктира со темпото. Цените на суровата нафта забележаа благ раст во денешното тргување, што во суштина претставува само маневар за делумно закрепнување откако претходно цената падна на екстремно ниски, препродадени нивоа. Најновата анализа на Economies.com покажува дека овој привремен пораст е поттикнат исклучиво од подобрување на техничките индикатори, но пошироката слика за енергенсот останува песимистичка. Нафтата и натаму се тргува под 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, што јасно го потврдува доминантниот краткорочен пазар во пад.
Истовемено, благородните метали се соочуваат со сериозен егзодус на капитал и зголемен продажен притисок. Среброто го продолжува својот остар пад во услови на доминантен надолен тренд, додека техничките графикони сигнализираат дека позитивниот моментум е целосно изгубен. Слична, прилично депресивна е состојбата и кај златото, кое веќе подолго време се движи во нестабилен и тесен опсег без сила да генерира позначаен нагорен импулс. Аналитичарите предупредуваат дека златото останува под влијание на изразени негативни сигнали, со висока веројатност за дополнително топење на неговата вредност во деновите што следат.
Оваа надмоќ на американската валута целосно се отслика и на девизниот пазар, каде еврото капитулираше пред налетот на зелената банкнота. Валутниот пар EUR/USD падна под клучната граница и нивото на поддршка од 1,1430, со што дефинитивно се запечати надолната тенденција на европската валута. Иако моменталните индикатори сугерираат дека пазарот е презаситен од продажба — што теоретски може да донесе краткотрајни осцилации и благ скок на еврото — генералниот тренд на пазарот на пари засега останува цврсто и непоколебливо во корист на американскиот долар.