Дојави за бомби ги вознемирија училиштата во Белград и Војводина

Заканите биле испратени по е-пошта до училишта во Белград, Нови Сад, Врбас и Бачки Петровац, а во истрагата е вклучено и Обвинителството за високотехнолошки криминал.

Неколку училишта во Белград и Војводина утрово добиле дојави за поставени експлозивни направи, по што биле активирани надлежните служби и започнале проверки на терен.

Според српските медиуми, заканите пристигнале на електронските адреси на училиштата, а информацијата ја потврдило и Министерството за внатрешни работи на Србија.

Слични дојави биле испратени до основни и средни училишта во Нови Сад, односно во Јужнобачкиот округ. Пријави за поставени бомби преку е-пошта имало и во Врбас и Бачки Петровац.

Во пораките било наведено дека во училиштата се поставени експлозивни направи. Засега нема информации дека е пронајдена опасна материја, а проверките продолжуваат според безбедносните протоколи.

Во истрагата е вклучено и Обвинителството за високотехнолошки криминал, бидејќи дојавите биле испратени електронски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс