Доделени наградите на десеттото јубилејно издание на „Дрим Шорт“

Заврши десеттото јубилејно издание на „Дрим Шорт“ во Струга. „RAGE“ е прогласен за најдобар филм од сите натпреварувачки категории.

Со доделувањето на наградите заврши десеттото јубилејно издание на фестивалот „Дрим Шорт“, кој во изминатите пет дена во Струга понуди богата филмска, едукативна и музичка програма. За најдобар филм од сите натпреварувачки категории беше прогласен студентскиот „RAGE“, во режија на Fran Moreno Blanco и Santi Pujol Amat.

„Капка по капка, секоја година сè посилни и подобри, ќе продолжиме да го негуваме нашето филмско езеро: место каде што вашите приказни се слеваат, растат и го одразуваат нашиот заеднички сон“, порачаа организаторите по завршувањето на фестивалот.

Во текот на петте фестивалски денови публиката имаше можност да проследи филмови во пет натпреварувачки програми – Меѓународна, Регионална, Студентска, Соочување со минатото и Национална, како и програмата Студенти во фокус.

Фестивалот понуди и едукативна програма со мастеркласови на Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули, разговор со Никола Ристановски, работилница со Женска Инфо Точка Струга, како и програмата „Свесно кино“ и Еко-хакатон во соработка со Еко-свест.

Музичкиот дел од програмата го одбележаа концертите на Дина Јашари и пост рок дуото „Антарктик“, како и диџеј сетовите на Александар Гродзановски – Херцел и Костадин Шурбановски – Шурбе.

„RAGE“ прогласен за најдобар меѓу сите натпреварувачки категории

Жири-комисијата во состав Масимилијано Нардули, сценарист, Верица Недеска, актерка и Гледис Бица, режисер, ги додели наградите на десеттото јубилејно издание.

Во Студентската натпреварувачка програма, специјално признание доби „HOW TO FALL OUT OF LOVE“ во режија на Varvara Zarytska, додека наградата за најдобар филм му припадна на „RAGE“, во режија на Fran Moreno Blanco и Santi Pujol Amat.

Во Националната натпреварувачка програма беа доделени две специјални признанија – за „THE BENCH“ во режија на Трифун Ситниковски и за „POSITIVE VIBES“ во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ. За најдобар филм во оваа програма беше прогласен „MUSHROOMS GROW IN MEMORY“, во режија на Ханис Багашов.

Во Регионалната натпреварувачка програма специјалното признание му припадна на „IMAGINARY NUMBERS“, во режија на Jelica Jerinić, додека за најдобар филм беше избран „WHAT IF THE SKY SEES US?“, во режија на Christine Abou Zein.

Во специјалната програма Соочување со минатото, „INTERSECTING MEMORY“, во режија на Shayma’ Awawdeh, доби специјално признание, а „Slet 1988“, во режија на Марта Попивода, беше прогласен за најдобар филм.

Наградата за најдобар филм во Меѓународната натпреварувачка програма ја освои „WONDERWALL“, во режија на Róisín Burns.

Главното признание, односно наградата за најдобар филм од сите натпреварувачки категории на десеттото јубилејно издание на фестивалот, му припадна на студентскиот „RAGE“.

Публиката, пак, за свој фаворит го избра „THE BENCH“ во режија на Трифун Ситниковски.

„Капка по капка – езеро“

Генерален покровител на јубилејното издание на фестивалот е Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Изданието беше овозможено од повеќе партнери и спонзори, меѓу кои „ПроПис Северна Македонија“, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Општина Струга и Хотел „Дрим“ Струга, како и соработниците Лабино саунд, АКВА Струга, Зуотроп Студио Скопје, НУЦК „Браќа Миладиновци“ Струга, „Еко-Свест“, „Кингстон“, „Барабар“, „На кафе дома“ и „Дуќан“.

Официјални медиумски партнери на фестивалот се ТРН и Плеј Радио.

„Благодарност до сите што сте дел од нашата приказна и ова наше ‘капка по капка – езеро’“, порачаа организаторите по завршувањето на јубилејното издание.

е-Трн да боцка во твојот инбокс