Search

Добро утро џезери

“Добро утро џезери

Добро утро, мајстори

Дали ќе ве замори

Овој Би-бап утрински

Овој Би-бап утрински“

Џез. Повеќе од 100 години овој збор се провлекува низ пукнатините на креативното постоење на човештвото. Црн, бел, африкански, американски, креолски, ритуален, импровизаторски, фри, кул, софт, репродуктивен, авторски… Бескраен број епитети, па зошто да не, и македонски. Веднаш по втората светска војна, Драган Ѓаконовски – Шпато, вистински музички гениј, но пред се визионер, го користи џезот (комбиниран со латино ритми и нашиот јазик се разбира) како главна мирудија во креирањето на современата македонска популарна музика. Резултатот е неверојатно автентична поп музика со која растевме покрај радио приемниците во 60тите, 70тите и 80тите години од минатиот век. На крајот на 70тите и почетокот на 80тите, Белград имаше “нови талас“ и се гордееше со Шарло Акробата, Идоли, Оргазам. Без лажна скромност, Скопје во тоа време адекватно одговори со џез-рокот на Ден за Ден и секако Леб и Сол.

Скопскиот Џез Фестивал е слој култивираност со кој е премачкано секое урбано ќоше на овој град, а новата млада џез генерација е поталентирана, подивергентна и послободна од се што сме имале досега. Јасно е дека ние Македонците имаме нешто посебно со сиот тој џез. Би се осмелил да кажам дека изворниот македонски бит/блуз е исто што и самиот џез, а модерните толкувања кои ги добиваме од новата генерација се вистински благодет за оние малкумина со пософистицирани потреби, кои решија да останат и да се борат за парче култура во македонската духовна пустина. Време и место, каде и џезот – така вкоренет во нашиот современ бит, неретко е монета за поткусурување во заткулисните “игри на тронови“.

Се прашувам што би рекле Дејвис Мајлс и неговиот добар пријател Колтрејн, кога би ја виделе нашава голгота на поделби, омраза и недоветни толкувања на оваа тематика. Сигурен сум дека не би уживале во глетката. Отровот со кој деновиве не потхрануваат еминентни музички, новинарски и фејсбук “инфлуенсери“, е неподнослив за сцена и култура која претендира на било каков интегритет. Музиката, без разлика дали се работи за Џез, или било кој нејзин правец, е премногу комплексна и суптилна појава, за да ја сведеме на орудие за меѓусебно препукување. Скопје и Македонија заслужуваат подобро.

Ајде уште еднаш да се обидеме да замислиме што би рекле стариот добар  Дејвис Мајлс и неговиот нераздвоен пријател Колтрејн, ако деновиве би талкале низ Скопје, обидувајќи се да најдат смисол во целата оваа бркотница од таленти, ентузијасти и погрешно посадени палми. Речиси 100%  сум сигурен дека најпрво би отишле да послушаат некој добар современ македонски џез. Авторски се разбира, не верувам дека тие мајстори би имале време за МК-репродуктивност. Ете деновиве, од 18ти до 20ти мај, токму во Филхармонија (малата сала) и незаобиколниот Младински Културен Центар, се одржува еден од најинтересните и секако најсвежи фестивали во околината: Крај Вардарот Џез Фестивал 2023.

Ова е четврто издание на овој млад и сеуште кревок фестивал, организиран од независната дискографската куќа ПМГЏЕЗ, која во последниве 4 години успеа да издаде и испромовира повеќе од 40 изданија на современа македонска авторска џез, етно и класична (contemporary) музика. Како и секое издание, така и овогодишното, цврсто се базира на автентична домашна програма, како директен одраз на залагањата на организаторот за градење на жива современа македонска култура. Букршлиев, Томевски, Кондовски, Дробицки, Милосављевиќ, Бојаџиски, Максимовски и секако легендарниот Дамир Имери, се имиња кои овозможуваат врвно уживање за љубителите на современиот авторски звук.

Оваа година поддржани од Перфорто – апстрактно гостување од Полска и секако – регионалната концертна атракција, загрепските Чуи, имаме сериозна можност да уживаме во високо квалитетен музички настан, кој патем е мошне внимателен да не го повреди чувствителниот џеб на вистинскиот вљубеник во нашата современа музика и култура. Топло препорачувам да одвоите малку од вашето драгоцено време и бидете дел од овој прекрасен настан, кој е од суштинско значење за музичките и културни ентузијасти кои се борат со ветерници во современа Македонија. Користете го џезот како орудие за градење култура, не рушење. Да сте живи и здрави сите.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни