Зоран Анчевски: „Длабок простор“ ја отвора бесконечноста на јазикот, времето и човекот

Новата поетска збирка „Длабок простор“ на Зоран Анчевски беше промовирана во Скопје пред бројна публика. Книгата носи длабоко поетско истражување на просторот, јазикот и човековото битие, потврдувајќи го Анчевски како еден од најзначајните современи македонски поети.

Поезијата повторно го отвори патот кон невидливото на промоцијата на новата поетска збирка „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, која се одржа на 16 јуни во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје.

Книгата, објавена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, претставува десетта поетска збирка на Анчевски и уште едно значајно поглавје во неговото богато творештво. За делото говореа промоторката Лидија Капушевска-Дракулевска и уредничката Оливера Ќорвезироска, додека актерката Биљана Стојановска и самиот автор читаа избрани стихови од книгата.

Во своето обраќање, Анчевски се осврна на симболиката на насловот „Длабок простор“, објаснувајќи дека терминот не се однесува само на бескрајот на вселената, туку и на просторот што нè опкружува, на секојдневните нешта што често остануваат незабележани, како и на внатрешниот свет на човекот.

„Го барам длабокиот простор во микропросторот што непосредно нè опкружува, во најобичните нешта, но и во нашето физичко и духовно битисување. Јазикот е исто така еден вид длабок простор кој ги чува заборавените тајни на нашето првобитно битие“, истакна Анчевски.

Лидија Капушевска-Дракулевска посочи дека книгата се издвојува по својата прецизна и внимателно осмислена структура. Според неа, збирката е изградена од пролог исполнет со прашања, пет циклуси и завршна кода која ја заокружува поетската целина и претставува своевиден одговор на прашањата поставени на почетокот.

Уредничката Оливера Ќорвезироска, пак, се осврна на значајната улога на реторското прашање во поезијата на Анчевски, нарекувајќи го „крал на реторското прашање“ во современата македонска поезија.

Промоцијата симболично започна со читање на првата песна од книгата и заврши со дијалошко читање на стихови од страна на Биљана Стојановска и авторот, при што финалето беше одбележано со прочит на завршната песна – кодата.

„Длабок простор“ продолжува таму каде што завршуваат претходните поетски книги на Анчевски, но истовремено отвора нови поетски хоризонти и значења. Книгата веќе се најде во најтесниот избор за престижната награда „Браќа Миладиновци“ што се доделува во рамки на Струшките вечери на поезијата.

Ова е втора книга на Анчевски објавена од „Арс Ламина“, по наградуваната поема „Коњски житија“, која ги доби признанијата „Григор Прличев“ и „Ацо Шопов“.

Поетската збирка „Длабок простор“ е достапна во книжарниците низ земјата и преку онлајн продажната платформа на „Литература.мк“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс