Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) реагираше на предлог-законот со кој набавките на Фондацијата „Скопје Европска престолнина на културата 2028“ се изземаат од Законот за јавни набавки. Комисијата бара секое исклучување на системски закон да биде јасно, детално и убедливо образложено од јавен интерес.
Секое законско решение со кое се исклучува или ограничува примената на системски закони, особено Законот за јавните набавки, мора да биде јасно, детално и убедливо образложено од аспект на јавниот интерес, неопходноста, пропорционалноста и воспоставувањето механизми за спречување корупција и злоупотреба на јавни средства, велат од ДКСК. Комисијата додава дека начелата на транспарентност, еднаков третман, слободна и фер конкуренција, економичност, отчетност, интегритет и ефективна контрола не смеат да бидат доведени во прашање, без разлика на институционалната форма или значењето на проектот.
Според ДКСК, Законот за јавните набавки овозможува јасни и однапред утврдени правила за избор на економски оператори, вистинска конкуренција и еднаков пристап, независен и ефективен надзор над постапките, правна заштита на операторите, јавно објавување на повиците, критериумите, договорите и нивната реализација, како и механизми за спречување судир на интереси. Ако сепак се донесе посебно законско решение за проектот, ДКСК смета дека тоа треба да ги содржи истите механизми што ги гарантира Законот за јавни набавки.
Комисијата потсетува дека во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 веќе го препознала носењето закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони како висок ризик од корупција, и предложила мерки за негово надминување.
ДКСК цени дека значајни законски решенија од овој вид задолжително треба претходно да се доставуваат до Комисијата за разгледување од аспект на корупциски ризици, наведувајќи го тоа како дополнителна препорака кон предлагачите на законот.
Предлог-законот за проектот, вреден 21 милион евра, предвидува набавките на Фондацијата да се спроведуваат според интерни упатства на нејзиниот Одбор, наместо според Законот за јавни набавки. За директор на Фондацијата, во јуни е назначен поранешниот директор на МРТ, Марјан Цветковски.