Синоќа во летното кино на „Синеплекс“, во рамки на „Rooftop Open Air Cinema“ во Скопје Сити Мол, се одржа јубилејната проекција на македонскиот филм „Џган“, по повод 10 години од неговата светска премиера. Филмот по сценарио и во режија на Вардан Тозија за првпат беше прикажан во 2016 година на Chicago International Film Festival, а една деценија подоцна повторно беше прикажан пред македонската публика, овојпат под отворено небо.
По проекцијата беше организиран разговор со филмската екипа и публиката, а вечерта продолжи со дружење по повод јубилејот. „Џган“ ја следи приказната за тивкото и повлечено момче кое, низ низа сурови околности, се претвора во водач на група отфрлени деца од Домот за деца без родители. Соочени со насилството и неправдите во светот околу нив, тие тргнуваат во одмазда кон системот кој ги оставил на маргините.
Под максимата „Никој не е роден насилен“, Тозија преку филмот отвора прашања за насилството, маргинализацијата, институциите и одговорноста на општеството кон најранливите. Во пресрет на јубилејот, Тозија порача дека „Џган“ настанал како „крик на очај и гнев“, од времето во кое живееме, мрачните настани и луѓето кои ги дефинирале нашите животи, но и од „кукавичкиот молк“ да се промени нешто.
По повод 10-годишнината, режисерот истакна дека особено му значи повторното гледање на филмот на големо платно и средбата со публиката. Продуцентот Огнен Антов вели дека денес, кога повторно го гледа „Џган“, не го доживува како филм стар десет години. „Кога денес го гледам ‘Џган’, не гледам филм од пред 10 години, туку приказна која не застарела во ниту еден кадар“, вели Антов, додавајќи дека најголемата награда не се фестивалските признанија, туку сознанието дека филмот бил инспирација за млади филмаџии.
Македонски продуцент на филмот е Дрим Фектори, а копродуцент е Red Helicopter Films од Албанија. Филмот беше финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и SEE Cinema Network. Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски, а во филмот настапуваат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски и други.
Зад филмот стои бројна авторска екипа: Владимир Самоиловски е директор на фотографија, Атанас Ѓеоргиев е монтажер, Александар Пејовски ја потпишува авторската музика, Игор Поповски е дизајнер на звук, Кирил Спасески е сценограф, Жаклина Крстевска костимограф, а дизајнот на шминка и маски е на Горан Игњатовски. Кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент е Огнен Антов.