Џеко по елиминацијата од СП: Треба да бидеме горди, вториот гол нè скрши

Капитенот на БиХ, Един Џеко, по поразот од САД на Светското првенство порача дека репрезентацијата треба да биде горда на постигнатото и најави дека допрва ќе одлучува за својата иднина.
epa13079291 Amar Dedic of Bosnia and Herzegovina (L) in action against Malik Tillman of USA (R) during the FIFA World Cup 2026 Round of 32 match USA against Bosnia and Herzegovina, in San Francisco, Califronia, USA, 01 July 2026. EPA/BENJAMIN FANJOY

Капитенот на Босна и Херцеговина, Един Џеко, порача дека репрезентацијата има причина да биде горда и покрај елиминацијата од Светското првенство, откако неговата селекција загуби со 2:0 од САД во шеснаесетфиналето. Четириесетгодишниот напаѓач, кој го напушти теренот во 51. минута поради повреда, истакна дека неговиот тим дал сè од себе.

„Немам некој посебен коментар. Дадовме сè од себе. За жал, одиме дома, но без разлика на сè, треба да бидеме горди на тоа што го направивме“, изјави Џеко.

Тој смета дека пресуден бил вториот погодок на Американците, постигнат иако САД играа со фудбалер помалку по исклучувањето на Фоларин Балогун.

„Не би рекол дека тогаш тргна сè надолу, туку тоа на некој начин беше крајот. Не смеевме да го примиме вториот гол. Потоа беше многу потешко. Иако доминиравме по црвениот картон, тој погодок нè скрши и не успеавме да се вратиме“, рече капитенот на БиХ.

Џеко им се заблагодари и на навивачите за поддршката во текот на целиот турнир.

„Нема некоја посебна порака. Им благодарам што беа со нас на Светското првенство и што нè поддржуваа на секој натпревар. Верувам дека се горди на нас, исто како што и ние сме горди на нив.“

На прашањето дали ќе продолжи да настапува за репрезентацијата, со оглед на тоа што неодамна наполни 40 години, Џеко не даде конкретен одговор.

„За тоа ќе разговараме подоцна. Ќе видиме“, изјави легендарниот напаѓач, кој досега има 151 настап и 73 гола во дресот на Босна и Херцеговина

е-Трн да боцка во твојот инбокс