„Divine Line“: Александар Танчовски со нова самостојна изложба во Старата скопска чаршија

Младиот македонски илустратор и стрип автор Александар Танчовски на 17 јули ќе ја отвори својата нова самостојна изложба „Divine Line“ во Kaldrma Cocktail Bar во Старата скопска чаршија. Публиката ќе има можност бесплатно да разгледа повеќе од 30 оригинални дела инспирирани од женската убавина, сила и сензуалност.
Screenshot

Самостојната изложба „Divine Line“ ќе биде отворена на 17 јули со почеток во 20 часот во Kaldrma Cocktail Bar во Старата скопска чаршија. Изложбата ќе може да се посети до 23 јули, а влезот е бесплатен.

Пред посетителите ќе бидат претставени повеќе од 30 дела изработени во различни традиционални техники, меѓу кои молив, мастило и водени бои. Преку нив, Танчовски ја истражува женската фигура како симбол на божествена убавина, сила, нежност и сензуалност.

Александар Танчовски е млад македонски илустратор, стрип автор и графички дизајнер, чиј препознатлив уметнички израз се темели на спојот на класичната цртачка техника и современата визуелна естетика. Во неговото творештво доминираат прецизниот цртеж, силната емоција и автентичниот визуелен јазик.

Покрај илустрацијата, активно работи и во областа на стрипот. Тој е редовен автор во списанието „Стрип Креатор“, а неговиот стрип „Тешки времиња“ беше награден на 22. Меѓународен стрип салон во Велес.

Во своето творештво најчесто користи традиционални техники, верувајќи дека токму рачно создадениот цртеж ја носи најсилната емоција и автентичност.

Неговата инспирација произлегува од делата на светски познати автори како Х. Р. Гигер, Здзислав Бексински, Френк Фразета, Паоло Елеутери Серпиери, Луис Ројо, Борис Ваљехо, Мило Манара и Хајао Мијазаки, чии различни естетски пристапи влијаеле врз развојот на неговиот авторски стил.

е-Трн да боцка во твојот инбокс