Дискретни преговори во Брисел: ЕУ бара помош од талибанците за депортација на мигрантите

Голем дипломатски скандал во Брисел: Официјални претставници на ЕУ одржаа дискретни преговори со талибанска делегација со цел да се забрза депортацијата на илегалните мигранти и криминалци. Овој потег наиде на жестоки критики во Европскиот парламент поради нормализирање на режим кој гази човечки права.

Официјални претставници на Европската комисија и на 15 земји членки одржаа дискретен технички состанак во Брисел со талибанска делегација за да разговараат за репатријација на авганистанските мигранти кои немаат право на престој во Европа. Како што пренесува „Евроњуз“, овој нов обид за забрзување на депортациите се одвиваше надвор од официјалните простории на Комисијата бидејќи Унијата сè уште легално не ја признава власта што ги презеде уздите во Авганистан во 2021 година. Со состанокот копретседаваше Шведска, земја која се соочува со сериозен притисок бидејќи во моментов околу 200 авганистански државјани осудени за тешки кривични дела, како силувања и трговија со дрога, не можат да бидат депортирани поради одбивањето на Кабул да ги прими назад.

Европската комисија тврди дека разговорите биле строго фокусирани на враќањето на илегалните мигранти кои претставуваат безбедносна закана за Европа. Сепак, протечените документи до кои дојде медиумот покажуваат дека во официјалната покана до талибанците се бара враќање на сите Авганистанци без право на престој, без да се наведе нивната криминална позадина. Проблемот со депортациите за ЕУ е алармантен, со оглед на тоа што од над 14.000 Авганистанци на кои им било наредено да ја напуштат Унијата минатата година, вратени биле само два отсто. Истовремено, притисокот врз европските граници продолжува, па само во првите четири месеци од годинава регистрирани се над 3.300 нови илегални влезови.

Оваа соработка со авторитарен режим што систематски ги крши човековите права и наметнува „родов апартхејд“ наиде на жесток отпор во Европскиот парламент и кај граѓанските организации. Европратениците од редовите на социјалистите и зелените го оценија состанокот како срамно поглавје за Европа со кое се нормализира и легитимизира режим кој ги гази правата на жените и девојчињата. Дополнително, се отвора прашањето дали Брисел ќе им понуди финансиски компензации на талибанците за прифаќање на повратниците, во време кога Европскиот совет за бегалци предупредува дека Авганистан е целосно небезбедна земја за враќање поради постојаниот ризик од прогон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс