Дина Јашари ја носи својата музика во светот на „Лефти и Рајти“

Актуелната македонска музичарка Дина Јашари ја потпишува тематската песна за новиот македонски анимиран филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“. Филмот, инспириран од сликовниците на Наташа Дукоска, е во продукција и анимација на македонски тим, а премиерата е најавена за крајот на ноември.
Screenshot

„Лефти и Рајти“ добива и свој музички потпис, а тематската песна за македонскиот анимиран филм ја создава Дина Јашари, една од актуелните имиња на домашната музичка сцена.

За Јашари ова е нов предизвик, но и можност музички да влезе во светот на детската анимација и да создаде песна што ќе допре до најмладата публика.

„Ова е преубав предизвик за мене, чувствувам одговорност дека треба да направам музика што треба да допре до помалите генерации. Јас многу добро ја паметам музиката од цртаните со кои сум израсната, дури знам да си ги пуштам песните и ден денес“, вели Јашари.

Тематската песна ќе биде промовирана на почетокот на септември, додека премиерата на анимираниот филм е најавена за крајот на ноември.

Македонска приказна со домашна продукција

„Лефти и Рајти си најдоа дом“ е македонски краткометражен анимиран филм базиран на серијалот сликовници „Лефти и Рајти“ на авторката Наташа Дукоска. Сценариото е на Дукоска, косценаристка е Билјана Црвенковска, а режијата е на Илија Тодоровски. Филмот го продуцира „зАнимација продукција“, во копродукција со хрватската „Миниа филм и анимација“. 

Во август претставници на Агенцијата за филм го посетија студиото „Тун Моушн Студиос“, каде што се одвива анимацијата. Ликовите и позадините веќе го добиле финалниот изглед, актерите ги снимиле гласовите, а аниматикот, односно визуелната мапа на филмот, е завршен. 

Главните ликови ги оживуваат Јелена Јованова како Лефти и Гораст Цветковски како Рајти. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм, а во копродукцијата учествува и Хрватскиот аудиовизуелен центар. 

Од сликовница до филм и музика

„Лефти и Рајти“ е замислен како поширок домашен креативен проект кој ги поврзува литературата, анимацијата, филмот и другите културни форми за деца.

Приказната произлегува од светот на „облеките што зборуваат“, кој Наташа Дукоска и илустраторот Хари Дудески го развиваат преку серијалот сликовници. Проектот сега добива и нова димензија преку анимираниот филм, во кој своето место го наоѓа и авторската музика на Дина Јашари. 

За домашната анимација ваквите проекти се особено значајни бидејќи оригиналните содржини за деца произведени во Македонија сè уште се ретки. Токму затоа Агенцијата за филм посочи дека проектот има цел да ја привлече најмладата публика кон оригинални македонски содржини. 

Тематската песна на Дина Јашари ќе биде претставена во септември, а публиката ќе може да го погледне „Лефти и Рајти си најдоа дом“ на премиерата најавена за крајот на ноември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс