Македонската кантавторка Дина Јашари и нејзиниот бенд ќе настапат како официјална предгрупа на концертот на британската група Дуран Дуран во Скопје. Настанот ќе се одржи на 2 јули во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Организаторите соопштија дека ова е големо признание за младата македонска музичарка, која со својот автентичен звук веќе се афирмира на регионалната и европската сцена, а на публиката ѝ порачаа да дојде порано за целовечерната програма.
Дина Јашари се етаблира како едно од највозбудливите имиња на новата македонска музичка сцена. Нејзиниот уникатен авторски печат, харизма и карактеристичен звук веќе наидоа на позитивни оценки и кај домашната публика и кај музичката критика низ регионот и Европа.
Настапот на домашната кантавторка со нејзиниот бенд во СЦ „Борис Трајковски“ претставува дополнителна можност за промоција на македонската современа музика пред масовна публика. Кариерата на Јашари бележи континуиран раст преку настапи на регионални фестивали, а овој концерт е уште еден чекор во нејзината интернационална афирмација.

Британскиот состав Дуран Дуран важи за еден од највлијателните бендови во поп-рок историјата кој е активен и денес. Нивното доаѓање во Скопје предизвика голем интерес кај публиката од земјава и регионот.
Организаторите информираат дека преостанатите влезници за музичкиот настан на 2 јули се веќе во продажба. Билетите можат да се набават по електронски пат преку платформата avalonbooking.mk, како и во рамките на продажната мрежа на karti.com.mk низ државата.