Најголемиот сино-зелен дијамант продаден за речиси 15 милиони евра во Женева

Редок сино-зелен дијамант „Ocean Dream“ е продаден на аукција во Женева за речиси 15 милиони евра, поставувајќи нов светски рекорд.

Редок сино-зелен дијамант од 5,50 карати, познат како „Ocean Dream“, беше продаден на аукција во Женева за речиси 15 милиони евра. Аукциската куќа „Christie’s“ соопшти дека станува збор за најскапо продаден сино-зелен дијамант досега, со што е поставен нов светски рекорд за ваков вид скапоцен камен.

Дијамантот бил проценет на вредност меѓу 7 и 10 милиони швајцарски франци, но интересот на купувачите ја зголемил цената значително над очекувањата. Според претставници на аукциската куќа, за каменот се натпреварувале повеќе колекционери од различни делови на светот.

Овој исклучително редок дијамант потекнува од централна Африка и е ископан во раните 2000-ти години. Подоцна бил обработен во триаголна форма, а во 2003 година бил изложен во музејот „Смитсонијан“ во Вашингтон како дел од колекција на најретките обоени дијаманти во светот.

Од „Christie’s“ велат дека каменот е уникатен по својата интензивна сино-зелена боја, а според големината е приближно колку нокт на мал прст. Идентитетот на новиот сопственик не е откриен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс