Паричникот останува дома: Како функционира дигиталната лична карта?

Апликацијата „м.Услуги“ овозможува споделување податоци преку брз QR-код, но институциите сè уште имаат право да бараат физички документ.

Личната карта и возачката дозвола од денеска влегуваат во мобилните телефони преку новата бесплатна апликација „м.Услуги“, достапна за корисниците на Android и iPhone. Новиот дигитален паричник им овозможува на граѓаните самостојно да изберат кои лични податоци ќе ги споделат при легитимирање, преку заштитен код што истекува за 15 секунди. Иако платформата носи практично олеснување, институционалната подготвеност за целосно напуштање на пластичните картички останува индивидуална одлука на секој шалтер.

Инсталирањето на „м.Услуги“ оди преку официјалните продавници Google Play или App Store. По преземањето, корисникот поставува шестцифрен личен ПИН за отклучување на електронскиот паричник.

За официјално поврзување со податоците потребна е најава преку системот „eID“ со корисничко име и лозинка од државниот портал uslugi.gov.mk. Граѓаните кои сè уште немаат таков профил, верификацијата можат да ја направат на два начина: преку веќе активна корисничка сметка од Управата за јавни приходи (УЈП) или со физичко присуство на шалтер за регистрација. Профилите отворени само со адреса на електронска пошта немаат потврден физички идентитет и не можат да ги повлечат документите.

По успешната најава, постапката за внесување лична карта или возачка дозвола се завршува во посебното мени „Лични документи“. Се внесуваат само серискиот број на документот и датумот на неговото издавање, по што системот го генерира дигиталниот запис.

Главната придобивка од дигиталниот паричник е контролираното споделување информации преку еднократен QR-код.

За време на презентацијата, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски јавно ја активираше апликацијата и покажа како функционира заштитата на приватноста во пракса. Кодот за споделување трае од 10 до 15 секунди, по што автоматски се поништува.

„Кодот е за еднократна употреба и истекува по 10 до 15 секунди. Примачот ги добива избраните податоци со дозвола на корисникот. На пример, кога треба да докажете дека сте полнолетни, може да се сподели таа информација, без истовремено да се откриваат адресата и сите други податоци од личната карта“, изјави Андоновски.

Освен чување на документите, софтверот нуди директен увид во поднесените барања за електронски услуги и преземање на веќе издадени акти од државната управа.

И покрај технолошкиот чекор напред, граѓаните засега не можат целосно да се потпрат само на телефонот при секојдневен контакт со администрацијата или полицијата.


Официјалните упатства во апликацијата отворено ги советуваат корисниците претходно да проверат дали институцијата во која се упатиле има техничка опременост и законска обврска да го прифати дигиталниот формат наместо пластичната картичка. Законите што го регулираат задолжителното поседување физичка лична карта или возачка дозвола при сообраќајна контрола бараат целосна правна хармонизација за дигиталниот запис да има еднаква правна тежина на секоја локација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс