Детонации во Ормутскиот Теснец: Иран тврди дека спречил премин на нафтен танкер

Дополнително, локалните медиуми јавија за детонации во близина на крајбрежниот град Сирик.

Иранската војска рано утрово соопшти дека спречила премин на нафтен танкер кој се обидел да мине низ Ормутски Теснец, откако Техеран претходно најави затворање на една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта.

Според иранските државни медиуми, во текот на ноќта биле регистрирани детонации во близина на Бандар Абас, најголемиот ирански пристанишен град на брегот на Персискиот Залив. Сепак, државната новинска агенција ИРНА подоцна соопшти дека нема информации за експлозии во самиот град и дека звуците најверојатно биле поврзани со воени активности во поморската зона.

Дополнително, локалните медиуми јавија за детонации во близина на крајбрежниот град Сирик.

„Предупредувачки напад“

Според воен извор цитиран од иранските медиуми, детонациите биле дел од предупредувачка акција на морнарицата на Корпус на исламската револуционерна гарда против танкер кој се обидувал да помине низ Ормутскиот Теснец. Изворот тврди дека бродот подоцна ја почитувал забраната за транзит откако добил предупредување од иранските сили и го променил курсот.

Ормутскиот Теснец е една од најважните поморски артерии во светот, низ која поминува значителен дел од глобалниот извоз на нафта и течен природен гас. Секое нарушување на пловидбата во овој теснец има директно влијание врз светските енергетски пазари и цените на горивата.

Врховната здружена воена команда на Иран вчера објави дека теснецот се затвора за сите танкери и комерцијални бродови, предупредувајќи дека иранските сили ќе отворат оган кон секој брод што ќе се обиде да ја прекрши забраната.

Трамп најавува можен договор

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави и Иран би можеле да постигнат мировен договор уште овој викенд, што би овозможило повторно отворање на Ормутскиот Теснец за меѓународниот поморски сообраќај. Сепак, од Техеран порачаа дека конечна одлука за евентуален договор сè уште не е донесена.

Неизвесноста околу ситуацијата во Ормутскиот Теснец останува еден од клучните фактори што ги следат финансиските пазари и енергетскиот сектор, бидејќи секое дополнително заострување може повторно да предизвика раст на цените на нафтата и дополнителни потреси во глобалната економија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс