„Денови на германски филм“ во неколку града низ Македонија

Годинашното издание ќе биде отворено во понеделник, на 28 септември, со вечер на квиз и караоке посветена на европските јазици

Амбасадите на Австрија, Германија и Швајцарија повторно ги здружуваат силите за организирање на „Деновите на германскиот јазик 2026“ во Северна Македонија. Едномесечната програма ќе се одржува во Скопје, Тетово и Штип и ќе понуди разновидни настани посветени на германскиот јазик, културата и европската јазична разновидност.

Годинашното издание ќе биде отворено во понеделник, на 28 септември, со вечер на квиз и караоке посветена на европските јазици. Настанот ќе започне во 19:30 часот во „Roosty“ во Скопје, а водителка ќе биде македонската пејачка Јана Бурческа. Најавено е учество и на други гости од домашната музичка и забавна сцена.

Програмата во Скопје ќе продолжи со час по готвење, на кој амбасадорите на Австрија, Германија и Швајцарија ќе им се придружат на учениците од угостителско-туристичкото училиште „Лазар Танев“.

Во рамките на „Бела ноќ“, на 3 октомври во Музејот на современата уметност ќе настапи берлинскиот диџеј Ayū. Предвидени се и проекции на швајцарскиот филм „Hallo Betty“ во Кинотеката, австрискиот филм „Moon“ за студентите на УКИМ и германската продукција „Prange – Man ist ja Nachbar“. На проекцијата на германскиот филм ќе присуствува и актерот Божидар Коцевски, кој е роден во Северна Македонија, а живее и работи во Германија.

Меѓу дополнителните содржини се организирани обиколки на археолошкиот локалитет Скупи од страна на Германскиот археолошки институт на 9 октомври, настап на германската стендап-комичарка Јана Џорџ, проект во Меморијалниот центар на Холокаустот и работилница за театарски превод наменета за студенти во „Europe House Skopje“.

Дел од програмата ќе се реализира и надвор од Скопје. Во Тетово ќе бидат прикажани филмовите „Moon“ и „Hallo Betty“, а ќе се одржи и стендап-настапот на Јана Џорџ. Актерот Божидар Коцевски ќе го посети родниот Штип, каде што ќе биде специјален гостин на филмска вечер на Универзитетот во градот.

Годинашната програма се одржува под мотото „Deutsch baut Brücken“, односно „Германскиот јазик гради мостови“, со цел преку различни културни формати да се истакне јазикот како средство за средби, поврзување и размена.

Настаните се отворени и за публиката која не зборува германски јазик. Филмовите ќе бидат прикажувани со превод, а дел од обиколките на Скупи ќе се одржуваат на македонски и англиски јазик. Влезот за сите настани е бесплатен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс