Музејот на современата уметност – Скопје, во рамките на Интердисциплинарната програма, продолжува со предавања и дискусии.
Денеска со почеток во 12:00 часот, на Факултетот за ликовни уметности – Педагошка академија, се одржа дискусија со светски реномираната уметничка група The Otolith Group.
The Otolith Group е основана во Лондон во 2002 година од британско-индиската уметница, филмска авторка и антрополог Анџалика Сагар и британско-ганскиот уметник, писател, теоретичар и филмски автор Кодво Ешун.
Во својата дводецениска практика тие истражуваат како да се набљудува и анализира планетарниот дисбаланс што произлегува од неадекватни политички процеси и одлуки, структурна социјална и економска нееднаквост и систематско уништување на животната средина.
За The Otolith Group, еколошките кризи не се изолирани појави, туку резултат на социјални, политички и економски констелации, длабоко вткаени во историските конфликти и експлоататорските модели што ја обликуваат колективната сегашност.