Светски ден на НЛО: Пентагон истражува 21 необјаснет случај од 1.652 пријавени

Американската влада ги отвори архивите, а новите досиеа вклучуваат снимки од аполо-мисиите, видеа на воени пилоти и извештај за „матична сфера” која лансира помали сфери. 40 отсто од сите пријавени случаи сè уште немаат одговор

Денес, 2 јули, е Светски ден на НЛО. Датумот не е случаен: тоа е денот кога во 1947 година на ранч во Розвел, Ново Мексико, падна нешто за кое САД во прв момент рекоа дека е метеоролошки балон, но светот никогаш не им поверува. Осумдесет и девет години подоцна, американската влада за прв пат ги отвора вистинските архиви.

Пентагон со 1.652 случаи, 21 необјаснети

Американскиот Пентагон, преку канцеларијата AARO (All-domain Anomaly Resolution Office), до октомври 2024 година собрал вкупно 1.652 пријави за НАФ, неидентификувани аномалозни феномени, новиот официјален термин за она што луѓето го нарекуваат НЛО. Од тие, 757 нови случаи биле пријавени само меѓу мај 2023 и јуни 2024 година. Од вкупните случаи, поголемиот дел бил разјаснет: балони, птици, дронови, сателити на „Старлинк”. Но 21 случај добил ознака „вистински аномалии” и останува на маса за понатамошна анализа.

Ниту еден не укажал на доказ за вонземска активност, изјави директорот на AARO Џон Козлоски. Но ниту еден не можел да се објасни.

Тајните досиеа се вистински

На 8 мај 2026 година Пентагон лансираше посебна платформа наречена PURSUE, „Presidential Unsealing and Reporting System for UAP Encounters”, преку која за прв пат ги објави класифицираните досиеа за НАФ/НЛО. Третата серија досиеа, пуштена на 12 јуни 2026 година, содржела 53 документи, 10 фотографии, шест видеа и три аудио снимки од ЦИА, ФБИ, НАСА и Пентагон. Внатре имаше снимки од аполо-мисиите со коментари на астронаути за предмети на Месечината, полициски извештаи за „сфери кои лансираат помали сфери” и сведоштво за „пурпурна матична сфера” видена над воен полигон.

Секретарот за одбрана, Пит Хегсет изјавил дека досиеата „долго предизвикувале оправдани шпекулации” и дека американската јавност треба да „ги види сама”.

47 отсто од сите пријавени НЛО, според AARO, имале сферична форма, и тоа е наjконзистентниот статистички наод во сите објавени податоци на канцеларијата, забележан кај воени, комерцијални и цивилни извори. Воени пилоти опишувале метални сфери, „сфери во коцки” кои поминувале покрај борбени авиони во рестриктивен воздушен простор, и предмети со екстремно забрзување.

Од Розвел до денес: 79 години прашање без одговор

Светскиот ден на НЛО прв пат бил одбележан во 2001 година, а за официјален датум бил избран 2 јули, денот на инцидентот во Розвел. Првото модерно набљудување на НЛО во САД го пријавил пилотот Кенет Арнолд во 1947 година, само неколку недели пред Розвел. Оттогаш, американската влада води досиеа за феноменот без прекин. Проектот „Сина книга”, најдолгата истрага на американското воздухопловство, регистрирал 12.618 набљудувања на НЛО меѓу 1947 и 1969 година.

Од сите пријавени случаи во третата серија досиеа, 40 отсто немаат разумно објаснување и остануваат нерешени, соопштил Пентагон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс