Денес е Светски ден на алергијата: Секој трет Македонец има алергија, а половина Европа ќе страда до следната деценија

400 милиони луѓе во светот киваат, се чешаат, се гушат и умираат поради имунолошки систем кој нормалниот полен го препознава како напад. 45 проценти од нив никогаш не добиле точна дијагноза. WAO оваа година порачува: алергиската нега е суштинска нега.

На 8 јули Светската алерголошка организација (WAO) го одбележува Светскиот ден на алергијата, годинава под темата „Allergy Care Is Essential Care“ — „Алергиската нега е суштинска нега“. Темата е повик за системска промена: алергиите да се третираат со клиничка сериозност рамна на другите хронични болести, а не да се препуштаат на неразјаснети симптоми и несоодветна дијагностика.

Светот: 400 милиони со ринитис, 262 милиони со астма

Алергиите денес се меѓу најбрзорастечките незаразни болести на планетата. Алергискиот ринитис зафаќа повеќе од 400 милиони луѓе ширум светот, со преваленца меѓу 10 и 30 отсто кај возрасните и над 40 отсто кај децата, според податоците на WAO Journal (2025).

Астмата, честа компликација и придружна болест на ринитисот, во 2019 година опфатила 262 милиони случаи глобално, според Институтот за метрика и евалуација на здравјето (IHME/GBD). Прехранбените алергии зафаќаат меѓу 200 и 250 милиони луѓе, а на лекови се алергични речиси 10 отсто од светската популација, покажуваат истражувачките прегледи на WAO.

Климатските промени, урбанизацијата и загадувањето на воздухот го забрзуваат ширењето на поленот и ја продолжуваат поленската сезона, со директна последица, пораст на бројот на лица со алергии, забележува WAO во воведниот уредувачки текст на „White Book on Allergy 2026“, објавен во мај 2026 година.

Европа: 150 милиони пациенти, прогноза — еден од двајца до 2025 година

Алергиите се меѓу најчестите хронични незаразни болести во Европа, констатира Европскиот парламент во официјален документ од 2022 година. Денес околу 150 милиони Европејци живеат со некоја алергиска состојба, алергиски ринитис, астма, атопски дерматитис или алергија на храна. Европската академија за алергологија и клиничка имунологија (EAACI) предупреди дека без системска промена, во наредните децении повеќе од половина од европската популација може да доживее некоја форма на алергија.

Само од алергиски ринитис или конјунктивитис страдаат до 30 отсто од Европејците, до 20 отсто од децата имаат астма, 15 отсто имаат алергиски кожни состојби, а 8 отсто алергии на храна, покажуваат проценките на EAACI.

Проблемот е и дијагностички: приближно 45 отсто од пациентите со алергии никогаш не добиле точна дијагноза, согласно податоците на Европската федерација за алергии и дишни болести (EFA).

Македонија: секој трет Македонец, тренд на двојно зголемување

Алергиите во Македонија покажуваат тренд на двојно зголемување. Споредбата на податоците ја направи проф. д-р Докиќ, врз основа на претходна епидемиолошка студија на Институтот за медицина на трудот: во 2003 година алергии имале 11,5 отсто од популацијата. Денес бројката достигнува 25,1 отсто, или секој четврти граѓанин, со тенденција за понатамошен раст.

„Секој трет Македонец има алергии“, изјавил проф. Докиќ во соопштение на Министерството за здравство, нагласувајќи ја потребата лекарите да се здобијат со специјализирани знаења за справување со „сè поголемиот прилив на пациенти кои имаат алергија“.

Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје редовно бележи зголемен прилив на пациенти во поленските сезони. Педијатрите таму велат дека бронхоопструкциите, честите напади на кашлица и отежнатото дишење кај децата со дијагностицирана астма се „сè почести“ поради поленските алергии, пренесе Сител.

Поленот, прашината и чистите простори — главни непријатели

Според WAO, луѓето поминуваат приближно 90 отсто од времето во затворени простори, а нивото на загадувачи во внатрешниот воздух може да биде постојано 2 до 5 пати повисоко отколку надвор. Внатрешните алергени како од домашна прашина, крзно од миленичиња и мувла се меѓу главните предизвикувачи на астма и алергиски ринитис. Во Македонија, поленот од дабот, брезата и тревите е традиционален проблем во пролетниот период, а сезоната на симптоми се продолжува поради климатскиот пораст на температурите.

Анафилаксијата: алергискиот предизвик што убива

Анафилаксијата како најтешката форма на алергиска реакција е медицинска итност. WAO World Allergy Week 2025 беше посветена токму на анафилаксијата, со порака дека таа секогаш бара итен третман со адреналин (епинефрин). Доцнењето со третманот може да биде фатално. Алергиите вообичаено не убиваат, но понекогаш можат да бидат смртоносни. Тоа е причината поради која денес WAO инсистира дека алергиската нега не е удобност, туку суштинска здравствена потреба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс