Уметност како терапија и децентрализација: Суводол и Демир Хисар домаќини на богата културна програма

Петтото издание носи куклена претстава, изложби, музикотерапија и вајарство за хоспитализирани лица во Психијатриската болница.

Петото издание на манифестацијата „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“ до крајот на август носи разновидна културна програма во Демир Хисар и селото Суводол. Организиран од Центарот за креативни индустрии – НЕБО, овој проект има за цел да изгради независна културна сцена, да ја децентрализира уметноста и да ја доближи до локалната публика преку работилници, изложби, театар и музикотерапија.

Манифестацијата започна на 28 јули со вајарска работилница предводена од вајарот Андреј Митевски, наменета за лицата хоспитализирани во Психијатриската болница во Демир Хисар. За разлика од минатите години кога се организираа сликарски работилници, годинава фокусот беше ставен врз работата со глина.

Овој исчекор овозможи непосреден контакт со материјалот, претворајќи го творештвото во сензорно и телесно искуство. Како резултат на работилницата беа создадени портрети со специфична ликовна естетика, со што уметноста уште еднаш се потврди како простор за социјална интеракција, креативен ангажман и подобрување на благосостојбата.

Програмата продолжи на 8 август со куклена претстава за млади во изведба на Здружението „Тактус“ од Охрид, која ќе се одржи пред селскиот дом во Суводол. Истиот ден, во 20 часот, во Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар ќе биде отворена изложбата „Барајќи си дом“ на сликарот Тони Попов.

На 14 август, исто така во 20 часот во селскиот дом во Суводол, младиот уметник Стефан Младеновски ќе ги претстави своите цртежи од 2023 година насловени „Патот како празнина“. Културниот континуитет за пациентите во Психијатриската болница продолжува на 19 август со музикотерапија во изведба на Славчо Коцев и Бојан Петков. Манифестацијата ќе заврши на 21 август со театарската претстава „Деца на светот“ на НЦУК „Антон Панов“ од Струмица, во режија на Васил Михаил.

Суштината на овој проект ја надминува реализацијата на поединечни настани. Градењето културна сцена бара континуитет и повторливи средби со уметноста, со што културата постапно станува дел од секојдневието на локалното население.

Манифестацијата, поддржана од Министерството за култура и туризам како проект од национален карактер, докажува дека квалитетната уметничка програма не треба да биде резервирана само за големите градски центри, туку мора да биде достапна за сите граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс