Search

Декларацијата на Шуман и раѓањето на ЕУ

На 9 мај 1950 година, основањето на Европската унија, каква што ја знаеме, беше утврдено во декларацијата на Роберт Шуман заснована на два основни принципи: мир и солидарност.

Европа по војната

Во 1950 година, европските земји полека се опоравуваа од човечкото и економско уништување предизвикано од Втората светска војна, под сенката на обновените глобални тензии предизвикани од Студената војна. Група европски политичари, од кои повеќето го доживеаја пустошот на двете светски војни, ја сподели визијата за обединета Европа која требаше да спречи иден конфликт меѓу европските земји. Тие политичари подоцна станаа познати како татковци-основачи на Европската унија. Нивната визија беше дека европските земји ќе ги здружат стратешките ресурси за да ја направат војната меѓу историските ривали, како Франција и Германија, „не само незамислива, туку и материјално невозможна.

Мир и солидарност

„Унијата на јаглен и челик“ беше во центарот на оваа визија за обединета Европа. Тешката индустрија заснована на јаглен и челик претходно беше привилегија на суверените држави и беше од клучно значење за водење војна.

Убедени дека спојувањето на нивните економски интереси ќе ги спречи картелите и монополите и ќе го подигне животниот стандард, владите на Франција, Западна Германија, Италија, Холандија, Белгија и Луксембург направија историски чекор кон обединета Европа.

Од борци на отпорот до адвокати и парламентарци, пионерите на ЕУ беа разновидна група на луѓе кои ги имаа истите идеали: мирна, обединета и просперитетна Европа. На 9 мај 1950 година, во она што стана познато како Шуманова декларација, францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман најави создавање на Европска заедница за јаглен и челик ставена под контрола на заедничка Висока власт.

Обединета Европа

Во 1951 година, по Декларацијата на Роберт Шуман, на 18 април во Париз беше потпишан Договорот за основање на „Европската заедница за јаглен и челик“. По ратификацијата од Белгија, Сојузна Република Германија, Франција, Италија, Луксембург и Холандија (Внатрешната шесторка), договорот стапи на сила на 23 јули 1952 година.

Тој предвидуваше создавање на првата наднационална европска организација, Европската заедница за јаглен и челик. Иако непосредната цел на овој прв договор беше да се воспостави заеднички пазар за јаглен и челик, тој исто така имаше за цел да ги постави темелите на економската заедница која постепено ќе стане политичка унија.

Договорот формираше Висока власт, Заедничко собрание, Специјален совет на министри и Суд на правдата, кои требаше да станат институции на Европската унија денес: Комисијата, Парламентот, Советот и Судот на правдата.

Конференцијата одржана во Месина (Италија) на 1 и 2 јуни 1955 година го разви концептот на заеднички европски пазар.

Две години подоцна овој концепт ќе биде отелотворен во Римските договори, кои беа именувани по градот во кој Внатрешните шест ги потпишаа договорите на 25 март 1957 година. Тие стапија на сила на 1 јануари 1958 година.

Денот на Европа

Поради значењето на Шумановата декларација од 9 мај 1950 година, овој ден е одреден како „Денот на Европа“. Во чест на неговата пионерска работа кон обединета Европа, областа во која се наоѓа седиштето на неколку институциите на Европската Унија во Брисел е именуван по него.

Роберт Шуман: Татко на Европа

Човекот кој стои зад Декларацијата, Роберт Шуман, по потекло бил Германец, но станал француски државјанин во 1919 година, откако Алзас-Лорен била вратена во Франција.

Кога започна Втората светска војна, Шуман бил помлад министер во француската влада.

За време на војната стана активен во францускиот отпор и беше заробен. За влакно избегајќи од депортацијата во концентрациониот логор Дахау, тој се криеше во Франција во следните три години.

По војната, тој се вратил во националната политика и имал низа позиции на највисоко ниво: прво како министер за финансии, како премиер во 1947 година, како министер за надворешни работи од 1948-1952 година и потоа како министер за правда од 1955-56 година. Францускиот министер за надворешни работи ја надгледувал подготовката на декларацијата во рамките на неговото министерство, која била материјално изготвена од Пол Ројтер, Бернар Клапие, Жан Моне, Пјер Ури и Етјен Хирш.

Текстот е превземен од Советот на Европа.

Фотографиите се сопственост на ЕУ

Најново

Последни колумни