Англиската фудбалска легенда Дејвид Бекам ќе добие своја ѕвезда на Холивудската патека на славните во Лос Анџелес, во пресрет на Светското првенство во фудбал 2026, кое заеднички го организираат САД, Мексико и Канада.
Свеченото откривање на ѕвездата е закажано за 12 јуни на познатиот булевар Холивуд, само неколку часа пред натпреварот меѓу САД и Парагвај, кој ќе се одигра во Инглвуд. Од Холивудската стопанска комора велат дека признанието доаѓа во вистински момент, нагласувајќи го големото влијание што Бекам го имал во популаризацијата на фудбалот во САД и неговиот придонес кон спортот и популарната култура.
Бекам зад себе има богата кариера исполнета со трофеи. Најголемите успеси ги оствари во Манчестер Јунајтед, каде освои шест титули во Премиер лигата и трофеј во Лигата на шампионите. Настапуваше и за Реал Мадрид, Милан, Пари Сен Жермен и Лос Анџелес Галакси, а за репрезентацијата на Англија одигра 115 натпревари и учествуваше на три Светски првенства.
По завршувањето на играчката кариера во 2013 година, Бекам стана еден од сопствениците на Интер Мајами, клуб кој во последните години привлече светско внимание со ангажманот на Лионел Меси. Покрај спортот, тој е активен и во забавната индустрија преку продукциската компанија Studio 99.
Минатата година британскиот крал Чарлс III му ја додели витешката титула, со што Бекам дополнително го зацврсти својот статус на една од најпрепознатливите светски спортски личности.