Децата растат со екрани: Кој е најкритичниот период за нивниот развој?

Истражување укажува дека прекумерното време пред екран во раното детство е поврзано со послабо помнење и училишни резултати. Најчувствителен е периодот од 18 месеци до пет години.

Децата од генерацијата Алфа уште од најрана возраст се опкружени со телефони, таблети, видеа и апликации кои често се претставуваат како едукативни. Иако екраните понекогаш се практично решение за родителите, истражувањата укажуваат дека прекумерната изложеност во раното детство може да биде поврзана со послаби резултати во учењето и помнењето подоцна.

Истражувачи од францускиот институт Inserm и Националниот универзитет во Сингапур анализирале податоци од долгорочно истражување за развојот на децата во Сингапур. Родителите бележеле колку време нивните деца поминуваат пред екран во различни периоди од детството, а подоцна биле следени нивното помнење и училишните резултати.

Анализата, која опфатила 502 деца, покажала дека поголемата изложеност на екрани во раното детство е поврзана со послабо помнење и полоши училишни резултати во подоцнежните години.

Најчувствителен е периодот од 18 месеци до пет години

Како особено важен се издвојува периодот од околу 18 месеци до петгодишна возраст, кога децата минуваат низ интензивен когнитивен, физички, емоционален и социјален развој.

Околу 18-месечна возраст децата интензивно учат да комуницираат, да препознаваат луѓе и предмети и да ја истражуваат околината. Од две до пет години, пак, почнуваат повеќе да ги имитираат другите, да развиваат самостојност, да следат едноставни инструкции и да создаваат сопствени игри и сценарија.

Кога значителен дел од ова време се поминува пред телефон, телевизор или таблет, екраните можат да ги заменат активностите и непосредните интеракции преку кои детето учи.

Истражувачите забележале дека ефектите поврзани со изложеноста на екрани биле особено изразени во најраната возраст. Објаснувањето е дека мозокот тогаш брзо се развива, а директната комуникација, играта и истражувањето на околината имаат важна улога во процесот на учење.

Иако поврзаноста била нешто послаба кај децата на возраст од две до пет години, авторите и натаму укажуваат на потребата од внимателно ограничување на времето пред екраните.

Не е проблем еден цртан филм, туку навиката

Повременото гледање цртан филм или краткото користење таблет само по себе не значи дека детето ќе има развојни проблеми. Поголем ризик се јавува кога екраните стануваат секојдневна замена за играта, разговорот, движењето и контактот со други деца и возрасни.

Во најраната возраст се препорачува изложеноста на екрани да биде што е можно помала. Кај малите деца, доколку се користи дигитална содржина, пожелно е родителот да биде присутен и да разговара со детето за она што го гледа.

Од две до пет години времето пред екран треба да биде ограничено, а предност да имаат квалитетни содржини соодветни на возраста.

Во секојдневието технологијата тешко може целосно да се избегне, но клучот е во балансот. Читањето, играта во природа, физичката активност, креативните игри и директната комуникација со другите остануваат незаменлив дел од детскиот развој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс