Германија во јуни забележа рекорден број случаи на давење во последните повеќе од две децении, откако во текот на месецот животот го загубиле 99 лица. Високите температури, кои во одредени делови од земјата достигнаа и до 41,7 степени Целзиусови, ги натераа илјадници луѓе да побараат разладување во езера, реки и други природни води.
Според официјалните податоци, најголемиот дел од жртвите биле млади мажи. Од лицата чија возраст е позната, 40 биле помлади од 30 години, а повеќе од 90 проценти од загинатите биле мажи.
Германската федерација на спасувачи соопшти дека земјата не памети толку голем број давења уште од топлотниот бран во 2003 година, кога во јуни биле регистрирани 107 смртни случаи.
Екстремните горештини продолжуваат да предизвикуваат сериозни последици низ Европа. Според податоците на Светската здравствена организација, од почетокот на летото повеќе од 1.300 лица починале како последица на високите температури. Во Франција, од 19 јуни досега се регистрирани 131 смртен случај од давење.
Германскиот Институт „Роберт Кох“ соопшти дека годинава во земјата се евидентирани најмалку 5.120 смртни случаи поврзани со топлото време, при што најголемиот дел од жртвите биле лица постари од 75 години.
Топлотниот бран продолжува да ја зафаќа Западна Европа. Во Франција дел од туристичките знаменитости, меѓу кои и Ајфеловата кула, работат со ограничено време, додека организаторите на велосипедската трка „Тур де Франс“ за првпат во историјата ја скратија една етапа поради екстремната жештина. Во меѓувреме, големиот шумски пожар во јужна Шпанија е ставен под контрола, што им овозможи на околу 1.500 евакуирани жители да се вратат во своите домови.