Самостојната изложба „Дама со девет камења“ на уметникот Иванчо Талевски ќе биде отворена во петок, 3 јули, во 20:00 часот, во Нова сцена при НУ Центар за култура – Битола.
На 4 јули, во 19:00 часот, ќе се одржи и предавање на авторот, како и промоција на книга посветена на изгубените цртежи на Марко Цепенков и патешествието на овој проект.
„Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук отвора прашања за индивидуалната и колективната меморија, историјата, припадноста и бришењето на минатото.
Во фокусот на проектот се две збирки на цртежи. Едната е колекција на цртежи изработени со јаглен од Талевски, а другата претставува имагинативен дијалог со музичарот и композитор Васко Дуковски околу изгубените цртежи на Марко Цепенков.
Проектот се надоврзува на долгогодишното истражување на Талевски за односот меѓу Битола и Филаделфија, како и на прашањата за тоа како се бележи, пренесува и преиспитува минатото.
Централна референца во проектот е детската игра „Дама со девет камења“, забележана од Цепенков, која преку звук, цртеж и простор станува основа за аудио-визуелен дијалог меѓу минатото и современото уметничко читање.
Проектот претходно бил претставен во МАНУ, во Центарот за графика во Филаделфија и во Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје, а во Битола ќе биде адаптиран за просторот на Нова сцена.