Цунамите се многу почести отколку што повеќето луѓе мислат, вклучително и во Европа. Токму затоа во јужна Франција се одржуваат специјални вежби за предупредување од цунами, додека експертите предупредуваат дека нов силен удар во Медитеранот или Атлантикот не е прашање „дали“, туку „кога“.
Во предградие на Париз се наоѓа францускиот центар за предупредување од цунами ЦЕНАЛТ, институција која би можела еден ден да спаси илјадници животи. Иако е далеку од морето, овој центар претставува главна точка на францускиот систем за следење и предупредување од цунами.
Европа не е безбедна од цунами
Иако Европа ретко се поврзува со катастрофални цунами како она во Индискиот Океан во 2004 година, кога загинаа околу 250.000 луѓе, експертите предупредуваат дека опасноста е реална. Во Медитеранот и поврзаните мориња, од почетокот на 20 век се регистрирани околу сто цунами што претставува околу 10 проценти од сите забележани цунами во светот во истиот период. Цунамите во североисточниот Атлантик се поретки, но сепак сочинуваат околу пет проценти од вкупниот број.
Разорниот земјотрес во Лисабон
Најсилното познато цунами во Атлантикот било предизвикано од катастрофалниот земјотрес во Лисабон во 1755 година.
„Тоа беше земјотрес со магнитуда од околу 8,5 степени според Рихтеровата скала нешто што во Пацификот се случува неколку пати во векот, но на Атлантикот е исклучително ретко“, објаснува Елен Ебер, национална координаторка на ЦЕНАЛТ.
Цунамито уништило голем дел од Лисабон, Кадиз и делови од Мароко, при што загинале илјадници луѓе. Брановите стигнале дури до југозападна Англија и Ирска.
„Ова е вид катастрофа што може да се случи еднаш на секои три до пет века. Тоа значи дека може да се случи утре или во следниот век но знаеме дека повторно ќе се случи“, предупредува Ебер.
Предупредување за само 15 минути
Иако повеќето европски цунами се многу помали, тие сепак можат да предизвикаат голема штета и човечки жртви. Токму затоа ЦЕНАЛТ работи 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Центарот е основан по катастрофалното цунами во 2004 година како дел од иницијативата на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) за создавање глобален систем за предупредување. Со системот управува тим експерти од Француската комисија за алтернативни и атомски енергии, кои во реално време ги анализираат геофизичките податоци.
Главната цел е во рок од 15 минути да се открие земјотрес што би можел да предизвика цунами и веднаш да се предупредат надлежните служби.
Како функционира системот?
Информациите пристигнуваат од стотици сеизмички станици. Ако повеќе станици истовремено регистрираат силни потреси, системот автоматски го лоцира епицентарот и ја проценува опасноста. Потоа се активира едно од трите нивоа на тревога жолто, портокалово или црвено. Паралелно се следат и мерачите на плима и осека за да се утврди можното покачување на нивото на морето.
„Во западниот Медитеран, ако земјотрес се случи во близина на Алжир, бранот може да стигне до францускиот брег за само еден час и 15 минути. Тоа остава многу малку време за реакција“, предупредуваат експертите.
Француската ривиера е меѓу најризичните области
Според Ебер, Француската ривиера е едно од најризичните подрачја во континентална Франција. Најголемата закана доаѓа од северноафриканскиот брег. Градовите на Азурниот брег, кои секоја година привлекуваат милиони туристи, веќе работат на подготовки. Кан воведе систем за дигитално предупредување, додека Антиб организира вежби за евакуација.
„Не очекуваме бранови високи 20 метри како во Јапонија, Чиле или Суматра, туку бранови од еден до два метра“, вели Ебер.
Но, опасноста не е само во висината на бранот.
„Најголем проблем се силните морски струи, надојдената вода и поплавите што продираат до крајбрежјето. Тоа може сериозно да оштети плажи, пристаништа и улици.“
Климатските промени дополнително го зголемуваат ризикот
Експертите предупредуваат дека климатската криза и порастот на нивото на морето дополнително би можеле да ги влошат последиците од идните цунами.
„Самото ниво на морето не влијае на создавањето цунами, но може значително да го засили ударот врз брегот“, објаснува Ебер.
Особено ранливи се ниските крајбрежни подрачја како Кан или Тулон. Научниците сега работат на развој на системи за прогнози во реално време, слични на временските прогнози, со кои би можело однапред да се пресмета колкав бран би погодил одреден град.
„Во иднина сакаме однапред да можеме да предвидиме колкав бран би погодил Ница, Марсеј или друг град во зависност од конкретниот земјотрес“, вели Ебер.
Според експертите, Европа можеби не се соочува со цунами со размери како во Пацификот, но ризикот е реален, а подготовката може да биде клучна за спасување животи.