На денешната прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски ги соопшти податоците околу епидемијата на западнонилска треска во Македонија.
Досега се регистрирани три смртни случаи, потврдени се 35 случаи, а шестмина заболени се во критична состојба, па оттука, Клековски порача дека Министерството презема мерки за спречување на натамошно ширење на епидемијата.
Мерките против ширењето на западнонилската треска продолжуваат со вонредно прскање против комарци, покрај редовните прскања, а жителите на подрачјата каде што е прогласена епидемија ќе добиваат и СМС пораки со препораки за заштита.
Клековски апелираше и до граѓаните да придонесат во спречувањето на ширењето на болеста преку намалување на водните површини, особено базените за рекреација, кои се утврдило дека ги има во голем број токму во најзагрозените подрачја.
„Е сега тука доаѓаат предизвиците. Веќе во Скопје од Google Map е воочено дека има многу водени површини во засегнатите места, кои се користат за рекреативни цели. Тука ќе треба и зголемена дисциплина од сите нас. Знаеме сите, намалување колку е можно на водените површини. Јас знам дека е тешко во услови на високи температури да очекуваме луѓето да ги празнат базените меѓутоа мора да кажам дека мора да апелираме на максимална претпазливост. Апелот за максимална претпазливост е дека спрема епидемиолошките очекувања август и септември се месеци на врв на вакви епидемии, зборувам историски“, рече Клековси.
Насоките ќе им бидат дадени на сите засегнати општини, додаде тој.
Епидемијата на западнонилска треска во Скопје беше официјално прогласена на 12 август во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, посебно во населените места Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.