Да не беше Балашевиќ околу нас ќе имаше помалку простодушни луѓе

Балашевиќ никако не можеше да биде мојот избор. Се родив или предоцна или прерано за неговите песни. Естетски: Не можев да ја поднесам таа претерано изразена сентименталност. Политички: на неполни четиринаесет години она неговото „сметајте на нас“ воопшто не ми одговараше, бидејќи веќе го имав „Dolgcajt“, првиот албум на љубљанските Панкрти. Го исмеваа, ги преведуваа неговите сентименталности, а уште повеќе прстот го вперуваа во колективните чувства на социјалистичка Југославија. Вие сте будали, сосема отворено им велеа Панкрти на сите оние кои заљубено пееја на стадионите, на младинските акции и плажите:

„U ime svih nas iz pedeset i neke, za zakletvu Titu sam spevao stih, ne spominjem prošlost, ni bitke daleke, jer rođen sam tek posle njih, al’ život pred nama još bitaka skriva i preti nam preti k’o duboki vir, ja znam da nas čeka još sto ofanziva, jer moramo čuvati mir, računajte na nas…”

А јас, мал панкер, им верував на Панкртите. И уште нешто: за мојата тогашна четиринаесетгодишна слика на светот, во која ништо, како што е денес, не беше поимпресивно или поважно од поезијата и литературата, Ѓорѓе Балашевиќ звучеше како гласник на оние луѓе кои редовно читаа лектири, но тоа не им влијаеше многу на потсвеста со која треба да градат планови за иднината.

Во февруари 1998 година, сè уште немав наполнето триесет и две години. Заминав во Сараево на неколку недели. Во тие моменти можев да речам одам во мојот град. Тоа беше токму во времето кога УНХЦР организираше концертот на Балашевиќ во големата сала на Скендерија. Тоа следуваше по успешниот концерт, од минатиот септември, на U2 на кошаркарскиот стадионот. Само што на момент помислив дека музиката го носи мирот во светот, некој од фамозните меѓународни организации се одлучи на нешто многу похрабро, а можеби и неизвесно: само две години по завршувањето на војната и страшната српска опсада на градот, ќе донесат од Србија во Сараево некоја голема поп ѕвезда, која никако не се огрешила за време на и по војната. Некој на кого луѓето ќе му простат, па така макар и симболично, ќе се помират со својот српски и српско соседни соседства.

Го прашале Балашевиќ, а тој се согласил. Откако се договорил, не можел да знае што ќе биде со него во Сараево, но знаел дека како предавник ќе се врати во Србија, односно во тогашната Сојузна Република Југославија. Тоа не е позиција на која се согласуваат поп-ѕвездите и забавувачите. Тоа би го направил само некој што е подготвен да биде губитник во името на она во што верува. Затоа на 7 февруари отидов на концерт во Скендерија. Поминав покрај полициското обезбедување и, без да размислувам, влегов во салата во која, според подоцнежните извештаи на УНХЦР, веќе имаше околу четиринаесет илјади луѓе. Сите тие, освен неколку исклучоци, можеби стотина фанови кои пристигнаа од Хрватска, ја доживеаја војната во Босна и Херцеговина. Најмалку десет илјади од нив ја преживеале опсадата на Сараево.

Се слушна крици, воздишки, се ширеше мешавина од светла, нешто кое што никогаш повеќе нема да го почувствувам. На секој од присутните околу мене му беше убиен по некој близок. Роднина, брат, татко, пријател, познаник или барем сосед. Сите го имаа искусено стравот, очајот, тагата и траумата од војната. Тоа е нешто што трае цел живот. Колку од присутните во салата можеби биле ранети во војната? Неколку десетици, или неколку стотици, па дури и неколку илјади парчиња шрапнели? Некои реални, некои метафорични.

Беше интересно и многу поучно да се доживее тоа што го чувствував. Размислував како, да сум на местото на Балашевиќ, ќе се качам на таа сцена. Како ќе можев да одам до средината од бината и да зборувам, а камоли да пеам? Не го разбирате прашањето? Тој беше првиот човек кој дојде од таму, од местото од каде доаѓаше злото кое им се правеше на овдешните луѓе. Дали од него требаше да започне нешто ново или пак со него да заврши? Сите случувања да беа дел од античка трагедија или од христолошка легенда, таа вечер ќе беше задоволена античката правда на Балашевиќ. Тој е тука да се искупи за сите гревови на светот. Навистина беше. И тоа беше неверојатно, се чинеше невозможно. Дали хит пејачот на балади и трубадур од црно-белите екрани на социјалистичка Југославија може да преземе таков товар?

Следните три-четири часа, до нешто по полноќ, тој и неговиот оркестар ги изведуваа неговите песни пред толпата од четиринаесет илјади луѓе, а помеѓу песните им зборуваше на присутните. Зборуваше долго, но со одмереност и смисла. Не се шегуваше, не ги преувеличуваше чувствата, не зборуваше како што обично зборува. Луѓето му посакаа добредојде на некој кому можеа да му простат нешто за што тој не е виновен. Тоа беше првиот рефлекс на излегувањето од војната. Одмаздата на зборови, пизмата и заљубувањето во сопствената жртва ќе дојде години подоцна…

Утрото дојдов повторно. Да видиме дали Балашевиќ пак ќе го направи истото. Дали сето тоа е само една добра матрица, но не беше така. Тој не се повторуваше. Бев фасциниран, но и длабоко потресен. Купив маица, испечатена специјално за овие два концерта во Сараево. Ја имам и денес.

После ова никако не станав фан на Балашевиќ. Не го сменив мислењето за вкусот на неговата публика. Немам ништо против, но не сум јас тој! Но, се предомислив за ставот кон него. Сепак, Ѓорѓе Балашевиќ е големо име и презиме. Сепак откако само еднаш во животот, безгрижно и неодговорно, си поигра со чувствата на посилниот и помоќниот, оној кој по дефиниција секогаш победува, и ги испеа „Сметајте на нас“ и „Три пати го видов Тито“, сите негови подоцнежните заложби не држеа место. Само тој, меѓу сите естрадни ѕвезди, глумеше и настапуваше како против себе си, против својата популарност. Негодуваше на мнозинството во корист на малцинството, на власта во корист на опозицијата, на Србите во корист на Бошњаците, Хрватите, Словенците… И во тоа немаше апсолутно никаков комерцијален план. Го правеше она во што веруваше, пееше за публика со која очигледно сакаше да има нешто заедничко, а во исто време недвосмислено и трајно ја отфрли другата, потенцијално побројна и секако помоќна публика со која не сакаше ништо да има. За време на долготрајниот цут на национализмот, кој ќе му одземе повеќе од половина од животот, тој беше против својот, и сето тоа време беше највпечатливата естрадна опозициска фигура. Тој и понатаму беше единствената поп ѕвезда која работеше против нејзината популарност.

Знаеше да раскажува приказни во неговите песни. Тој беше вешт романтичар кој можеше да допре до срцата на повеќето луѓе. Ја знаете ли приказната за Васа Ладачки? Прашање на кое многумина умираат од смеење. Па, „Прекрасната ќерка“, сета таа пред пубертетска еротика и еротика од домовите за стари лица. А згора на тоа уште стотина исти такви песни. И тогаш, во деведесетите, десетина учителски и педагошки протести, антипартиски песни и стихови против Милошевиќ можеби не ја превоспитаа Србија, но постојано укажуваа дека не сите што живеат во таа земја размислуваат исто. Балашевиќ спаси простодушни српски души, и за тоа во овој тажен петок, 19 февруари 2021 година, му упатувам голема благодарност. Но во исто време спаси и простодушни хрватски и бошњачки луѓе, за што јас благодарам уште повеќе. Со таа работа се занимаваат ангелите. Со тоа си давав објаснување на мојот слаб интерес за неговата креативност.

Тој е важен и како културен феномен. Неговите песни оставаат длабока трага на јазикот и на јазиците на кои се испеани песните. Погледнете само колку хаштагови и колку фрази постојат на јазикот кој зад себе го остави Балашевиќ. Од сметајте на нас, до оној, достоен за Карл Јасперс и Хана Арент. Клучните зборови, клучните фрази на нашиот јазик не се на Крлежа или Андриќ, туку на Балашевиќ. Се разбира, тоа зборува за нас и за нашиот јазик, од што е создаден и што се распаѓа и исчезнува во него. Каков е светот, таков му е јазикот. Но, ми се чини дека овој свет би бил многу полош, пострашен и безнадежен без Ѓорѓе Балашевиќ, а меѓу нас би ги имало многу помалку тие добри и простодушни луѓе. Оние чии души ги спасил Балашевиќ. Оние кои би останале без душа да не бил тој.

На 7 февруари 1998 година тој за прв пат го отпеа ова пред тие четиринаесет илјади луѓе:

„Štagod noćas da zapevam vuče na sevdalinku/ usnuo sam čobanicu uplakanu u šljiviku/ Grom udari/ planu seno/ rasturi se stado njeno/ zaplete se dim na uvojku/ Reče da se zove Bosna/ čudno ime za devojku.”

Да ме видеше некој тогаш, ќе мислеше дека сум полудел, дека се расплакав на Балашевиќ.

Извор: jergovic.com
Автор: Миленко Јерговиќ

е-Трн да боцка во твојот инбокс